Синди Крафорд: Имам плакар со неотпакувана облека

6 септември 2016

Иако се повлече од моделингот, легендарната Синди Крафорд секогаш ќе биде привлечна за медиумите.

Она што љубителите на модата ќе ги интересира е како изгледа плакарот на жената која носела речиси сѐ.

Токму тоа ќе имате можност да го видите во продолжение, проследено со нејзините совети и искуства низ годините:

-Сметам дека искуството да се биде модел денес е променето, а најмногу поради социјалните медиуми. Тие заземаат голем дел од нивната кариера денес и можат повеќе да наплатат. Можат повеќе да влијаат на тоа како сакаат светот да ги види. Сметам дека моделите од мојата генерација, луѓето ги знаеја само од неколку наши фотографии. Но, со социјалните медиуми, ако сакаш да бидеш глупав, или сериозен, или имаш некаква цел, можеш тоа да го промовираш преку мрежите. Младите модели имаат одлична можност да се претстават онака како што сакаат – вели Крафорд.  

Во контекст на тоа се присетува и на своето прво снимање, вистинско.

-Првите снимања ми беа во Чикаго. Секое наредно стануваше сѐ попрофесионално. Но, интересно, не се сеќавам баш на моето прво снимање во Њујорк. Во тоа време, сликањата со локален фотограф се доживуваа како голема работа. Кога го направив првото сликање за „Пепси“, тоа за мене беше нешто од голема важност, и покрај тоа што фотографиите беа навистина вулгарни. Потоа, „Елит“ ме поврзаа со друг фотограф и за тие можам да речам дека се првите вистински фотографии на кои се чувствував како модел – се присетува Синди.

На прашањето кој е најневеројатниот момент од нејзината кариера, таа ја издвојува ревијата на „Версаче“.

-Чекорев заедно со Кристи, Линда и Наоми со музика и видео на Џорџ Мајкл. Тоа буди едно необјасниво чувство. Тој момент беше поголем од било која од нас. Самиот факт дека бевме сите заедно, уште повеќе го зголеми тоа чувство дека се случува нешто посебно – раскажува моделот.

И додава:

-Моделингот е моделинг, не се менува. Ги облекувате парчињата облека, или ставате кармин или што и да треба да се продаде и се трудите да изгледа добро и посакувано – тоа е тоа што моделите го прават. Работите со фотографи и се надевате дека тие ќе ве инспирираат вас и вие нив.

Идејата за книгата по повод 50-тиот роденден во февруари годинава, дошла сосема случајно.

-Ручавме и зборувавме за тоа како мојот 50-ти роденден ќе дојде додека да трепнам. Тогаш ми текна дека треба да направам книга со 50 фотографии што ја одбележаа мојата кариера, како и 50 есеи за лекциите што ги научив за ова време, затоа што да се наполнат 50 години е момент тежок за секоја жена, или бар идејата за тоа е тешка – смета Крафорд.

Но, тоа што има 50 воопшто не се одразува негативно врз нејзината убавина. За тоа е важна и негата која секојдневно ја практикува.

-Користам дневна крема која има заштитен фактор, дури и кога не сум изложена на сонце. Но, само да излезеш до автомобил или супермаркет, ќе се изложиш на надворешните влијанија. Не практикувам да се шминкам кога не работам, но лесна подлога, маскара и малку руменило е она што никогаш не е на одмет. Не знам од која причина не успевам да го задржам карминот на усните. Навечер, задолжително го чистам лицето, а еднаш месечно одам на третмани за лице. Си го сакам минатото, но подеднакво и сегашноста – споделува моделот.

А кога е плакарот во прашање, вели има премногу облека.

-Имам парчиња што воопшто не се ни отворени. Зачував едни парчиња од „Alaia“, кога работев на една негова ревија. Тој обично ни плаќаше во облека. Или „Шанел“... Тие стојат во посебен плакар, што јас си го викам, архивски и тие парчиња ги чувам за ќерка ми. Инаку, немам некое парче за кое сум посебно емотивно врзана – открива Синди.

-Кога бев во средно училиште, сите девојчиња беа опседнати со „Келвин Клајн“ џинс, па и јас морав да имам едни, се разбира. Исто така, и блузонот од „Fleshdance“ на едно рамо беше апсолутен хит. Дури и позирав во него за годишникот на моето училиште и тогаш станав всушност свесна за тоа што е тренд.

Вљубеник е во чантите и признава една е од жените што носат многу работи, но е организирана.

-Користам помошни несери. Инаку, во чантата носам четка за коса, паричник, телефон... Организаторите за чанта ви дозволуваат лесно да ја менувате чантата, бидејќи ѓубрето завршува на дното на чантата токму во овој „организатор“. Потоа, во неа носам и лак за коса, сјај за усни.... – вели Крафорд.

Децата ги учи да бидат професионални и да си ја сакаат работата.

-Кога ќе влезеш во модата млад забораваш дека и тоа е работа. Не гледаш на тоа така. Но, јас постојатно им велам дека мора да бидат подготвени и точни. Да не бидат постојано на телефон, несконцентрирани и изморени. Тоа не се простува.

А на прашањето, што би била да не е модел, вели:

-Многу години поминаа, не сум сигурна... Но, веројатно би била наставник или професор. И двете сестри ми се професорки, а и кога бевме мали постојано си игравме „училиште“. Добро ми одеше училиштето, па имам чувство дека добро би се снашла во тоа.

Сака денот да ѝ тече глатко, па затоа се придржува до нејзините стандардни рутини:

-Се трудам да станам пред сите останати во куќата, па и соседството. Имаме џакузи, па прво тоа правам наутро. Тоа е моето време за мене, таму се опуштам, концентрирам и подготвувам ментално за денот што следи. Потоа, се качувам во куќата, се облекувам за вежбање, пијам зелен чај и ги будам децата. Ако е ден за вежбање, одам до теретаната долу и работам со тренерот – споделува Синди.

После опремата за вежбање, најдобро се чувствува во џинс, и добра кожена јакна, симпатични чизми.

-Имам неколку одлични фармерки што многу сакам да ги носам. Исто така, имам една блуза од „Стела Мекартни“ што многу ја сакам, па ја имам во неколку бои. Ако најдам добра блуза или кошула, ја купувам во секоја боја – вели моделот.

Во продолжение погледнете го во целост нејзиниот плакар:

Објавено:
6 септември 2016
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
3.442 пати