„Најлошото шоу некогаш видено“, „Не знам ни дали воопшто би требало за ова да се пишува“, „Досадно“ се само дел од коментарите после шоуто на Канје Вест одржано во средата, со кое и официјално, медиумски започна модната недела во Њујорк.

Контроверзноста оди рака под рака со овој рапер, па така и овој пат. За место на презентација го избра Паркот на слободата на Френклин Рузвелт. Со тоа требаше да се разбере дека тој ја поддржува слободата на говор, избор, религија, ослободувањето од стравот...

Но, за каква слобода се зборува, ако се има предвид дека за ревијата бараше исклучиво „мешани жени“. За машките модели немаше место во ова шоу на Канје, а ниту за модели што не се со мешана раса.  Тој, на кој толку му е важна слободата, се одлучи на јавна и јасна поделба.

„Сакав црни жени во сите варијанти, а на 10.000 луѓе што се појавија на кастинг тоа воопшто не им пречеше“, изјави во интервјуто за „Вог“ 48 часа пред ревијата.

Сепак, тука не завршуваат „проблемите“ за Канје и ова шоу. На голем број модни уредници им пречеше тоа што уште во старт се доцнеше. Новинарите и гостите со школски автобус беа оставени на таинственото место „Островот на Рузвелт“, во непосредна близина на напуштена болница.

Моделите пак, стоеја во тревникот на Паркот на слободата. И чекаа да започне шоуто. Иако предвидено да започне во 15 часот, сѐ доцнеше речиси два часа. Дури и семејството Кардашијан доцнеше, па мораше да се почека да се сместат и тие.

Тоа предизвика нервоза и кај новинарите, кои воопшто не му беа наклонети овој пат, но и кај моделите. Како пренесуваат странските весници, една од манекенките дури и се онесвестила од жешкото време, а за време на чекањето успеале да добијат само малку вода.

Иако било предвидено да стојат, повеќето од нив на крај не издржале и седнале на тревникот. Тоа веројатно не му се допаднало на Канје, но условите си го направиле своето.

Меѓу присутните беа секако и голем број познати личности, како и Ана Винтур. Јавна тајна е дека Канје е под нејзина закрила, па затоа и не треба да изненадува моќта што ја „поседува“, односно купува Канје. Иако многумина ќе речат дека модата е уметност, да не заборавиме, модната сè повеќе е бизнис.

А што се однесува до колекцијата, сѐ е веќе видено во претходните три. Модните критичари велат дека тој веќе нема што да каже. Иако и претходно не беше јасно до крај со што ја освојува публиката и како успева да оствари такви приходи, сепак, за оваа колекција никој нема пофални зборови. Веќе видени широки и поткинати парчиња во бела, црна, и беж боја. 

Инаку, истиот ден свое шоу имаше и Том Форд. Канје повторно го „украде“ вниманието на друг дизајнер, што веќе е добро позната тактика. Без разлика што никој нема еден убав збор да насочи кон него, сепак сите зборуваат за ревијата на Канје, а онаа на Том Форд е ставена во сенка, иако далеку поквалитетна.

Раперот сè уште не се огласил по повод лошите критики. Можеби после оваа „Yeezy Season 4" нема да гледаме следна. Многумина би го сакале тоа. Но, самиот факт какво медиумско внимание успеа повторно да добие, веројатно ќе ги ублажат или избришат сите негативности кои можеби го изнервирале, па Канје ќе продолжи на негов начин да се „пробива“ на модната сцена.

 Ако ова беше бламот, глам-от сигурно му припаѓа на Том Форд. Како изгледаше неговото шоу и како тој ја измени модната недела во Њујорк, читајте на линкот тука.

Објавено:
9 септември 2016
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
1.695 пати