Чиј дом е поубав Армани vs Донатела Версаче

7 август 2013

Даглас Фридман е моден фотограф кој соработува со некои од најголемите и најреномираните модни списанија. Благодарение на портфолиото на овој американски фотограф ја имаме можноста да допреме во личниот свет на едни од најголемите имиња во модната индустрија. Така,  Џорџо Армани ја предизвикува Донатела Версаче. Чиј дом е поубав? Секако, оние што ќе решат чија куќа е поубава, сте вие читателите.

Кај сите нас се буди дозата љубопитност да се обидеме да дознаеме и видиме како умовите кои ги диктираат светските трендови и стилови ги пренесуваат своите генијални идеи во внатрешноста на своите домови.

Работата на овие два дизајнера е фундаментално различна, што е природна последица на личниот вкус, но ги спојува модата и чувството за естетика. Она што е вистинско изненадување е фактот дека правецот кои тие двајца го негуваат во креирањето на нивните модни колекции и инсталации, делумно го пресликале и во нивниот интимен свет. Дијаметрално различни во поглед на бои, нијанси, тонови, мебел, организација на ентериер и декор, но во суштина толку слични, овие двајца дизајнери ќе ве воодушеват со своите раскошни домови.

 

Првин ќе ве прошетаме во „Царството“ на Донатела Версаче.

Домот на италијанската креаторка личи на замок од бајките. Високи тавани, пространост, дрвени гардеробери со многу орнаменти, масивни парчиња мебел изработени од кожа и тапацир, атрактивни перници со интересни дезени, кристални лустери, кои завршуваат со необични ѕидни мозаици, сите тие го украсуваат просторот во нејзиниот дом. Златните нијанси преовладуваат насекаде низ замокот, во комбинација со боја на слонова коска и кафени тонови. Барокната ренесанса која е топла и пријатна, раскошот и гламурот, едноставно го пленат и го одземаат здивот.

 

 

 

Радикална спротивност во однос на дизајн и амбиент струи во куќата на Џорџо Армани. Во типичен за него чист дури и на моменти минималистички стил, е декориран неговиот дом. Ентериерот  изобилува со модерни парчиња мебел. Тој е обожавател на монохроматскиот спектар  на класични бои и нијанси како црна, бела и сива.

 

 

Метал, стакло и кожа се главните материјали од кои е изработен неговиот мебел и детали, па добивате чувство дека сето тоа личи на графички цртеж, кој има богат контраст на тонови. На прв поглед ве обзема студенило, бидејќи целиот дом личи на вселенски брод кој доаѓа од некое идно време, но ако погледате поубаво има фасцинантни детали кои го разбиваат студенилото, како што се цвеќиња, уметнички слики, фотографии. Тие му даваат душа и топли вибрации на просторот. Импресивна е и егзотичната градина на овој дизајнер - базен, палми, цветни леи и дрвена скала која води кон карпестиот брег. Уживањето е загарантирано, а секој понатамошен коментар е излишен.

 

 

 

 

 

 

Објавено:
7 август 2013
Категорија: 
Сцена