Овие жени планираат да ја променат модата!

28 октомври 2016

Деновите на промовирање на идеалот за „бела“ и „тенка“ убавина се готови, вели првата дама на движењето Straight/Curve Џени Меквел, која во чест на нејзиниот нов документарец направи прекрасна изложба со различни типови жени.

„Во време кога 90 проценти од жените велат дека не се застапени во модата и медиумите, ние мора да ја промениме сликата што постојано ја гледаме“, изјави Џени на првата вечер од нејзината изложба која ја слави убавината на сите жени.

Таа посочи и дека ако мала група може да го промени мислењето на многумина, тогаш може и целата модна индустрија.

„Повеќе нема оправдувања. Ова е отворен повик за промена на мислењето во целата индустрија“, додава таа.

Дел од изложбата беа супер фотошопирани фотографии кои навикнавме да ги гледаме, со разни типови на жени на кои воопшто не сме навикнати.

Џени вели дека иако има мал напредок во модната индустрија, ќе треба уште многу време и напори за луѓето целосно да ги прифатат различните жени кои се подеднакво убави како оние слабите.

Конкретно, документарецот е целосно посветен токму на оваа проблематика и недостатокот на различности во модата и медиумите, почнувајќи од модните писти, па сѐ до насловните на магазините и кампањите.

„Живееме во општество каде голем број од луѓето не се добро застапени. Можеби некои мажи и жени не се грижат за модата, но секој мора да носи облека“, вели Џени.

„Оние жени кои се малку покрупни, постарите жени и понекогаш Афроамериканките и Латиноамериканките не се застапени доволно во едиторијалите или кога се, не се добро фотографирани со совршено светло како што тоа е случај со „белите“ девојки“, вели таа.

Стилистката Џенеси Утли која досега има соработувано со Ејми Шумер и Даниел Редклиф, се согласува со тоа дека на вистинските жени денеска им е малку потешко да бидат дел од кампањи.

„Овој проект беше голем предизвик за мене, бидејќи многу ретко помагам и стилизирам вакви жени и девојки. Во индустријата или се слаби или се полнички, нема нешто помеѓу, а за тие жени нема ниту соодветни броеви“, изјави Утли.

Моделот Искра Лоренс, која исто така е дел од документарецот во куса изјава посочи како се чувствува по повод ова прашање.

„Кога мислиме на нашето тело, често мислиме како тоа изгледа, а не мислиме на тоа што тоа прави за нас секој ден. Лесно забораваме колку нашите тела се моќни и што тие прават. Јас се чувствувам навистина моќно кога вежбам, спортувам и го истражувам светот. Моето тело ми дозволува да играм, да пеам, да зборувам, да чувствувам и да ја јадам добра храна“, вели Искра.

Објавено:
28 октомври 2016
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
570 пати