Шенон Доерти искрено и емотивно за битката со ракот

21 март 2017

Иако во животот имаше и други доста добри улоги, Шенон Доерти светот ја памти како шармантната Бренда од култната серија Беверли Хилс 90210.

Сега веќе 45 годишната актерка во март 2015 – тата година на светот му соопшти дека почнува опасна битка со ракот, но и дека има доволно сила во истата да победи.

Така и се случи.

Деновиве таа ја информираше јавноста дека конечно завршила со хемотерапијата и дека се чувствува одлично и е супер позитивна.

„Среќна сум каде што сум сега. Ракот за мене, колку и да е тежок, беше еден вид благослов. Ме промени целосно, засекогаш. Го промени мојот живот на начини на кои не ни можев да замислам“, изјави таа за US Weekly.

Во чест на последниот третман хемотерапија, таа објави видео на кое се гледа како си ја бричи главата, само за да се потсети на првиот пат кога морала да го направи тоа бидејќи косата целосно ѝ опаднала.

Всушност, таа постојано беше искрена за борбата што ја водеше со ракот, за последиците од истата и за тоа како да се остане позитивен во сите тие тешки моменти за целото семејство.

„Да, имам рак на градата и моментално почнувам со хемотерапија. Продолжив да се хранам здраво, да вежбам и да сум позитивна за животот. Многу сум му благодарна на целото мое семејство, на пријателите и докторите за нивната поддршка и секако, на моите обожаватели кои се секогаш покрај мене“, вака ја започна Шенон приказната назад во 2015 – тата година.

Се сеќава кога прв пат му кажала на нејзиниот сопруг Курт Исваренко...

„Му се јавив од автомобилот само што завршив со прегледот на кој бев со мајка ми. Си реков дека ќе почекам да го видам во живо и да му соопштам, но едноставно не можев. Тој само ме праша каде сум и кога стигнав дома ме прегрна и ми рече дека заедно ќе поминеме низ ова. Ми рече дека ќе бидам добро, дека сум силна и моќна жена и дека нема да одам никаде. Дека имам уште многу за живеење. Низ тоа поминавме како семејство“, вели Шенон.

Она што ја заплашувало најмногу биле нејзините блиски и тоа дали тие ќе бидат добро ако нешто се случи. Тоа всушност бил и најтешкиот дел за неа.

За одлуката да ја избричи главата ќе каже дека било нешто што морало да се случи поради тоа што косата ѝ изгледала навистина лошо од третманите.

„По вториот третман, косата почна да ми се замрсува, да не можам да ја исчешлам, а кога се обидував да ја чешлам, таа само паѓаше. Се сеќавам дека отидов кај мајка ми плачејќи ѝ реков да ги земе кујнските ножици и да го исече репчето. Прво беше слатка боб фризура, па потоа пократка, па сосема на крајот избричена, бидејќи тоа едноставно мораше да се случи“, објаснува Шенон.

На прашањето како болеста влијаела на нејзиниот брак, таа ќе каже:

„Мојот брак секогаш бил на цврсти нозе, но ова го направи сто пати поцврст. Немаше шанси да поминам низ ова ако покрај мене не беше мојот сопруг“.

Најстрашниот дел поврзан со ракот таа вели дека е непознатото, како и со сѐ друго.

„Непознатото е секогаш најстрашниот дел. Дали хемотерапијата ќе делува? Дали ќе морам пак да поминам низ истото, колку пати ќе морам да го направам тоа? Сѐ друго е минливо. Болката е минлива, да живееш без гради не е многу страшно, но иднината и како таа ќе влијае на твојот живот и на животот на блиските е она што најмногу загрижува“, вели актерката.

Она на што таа предупредува е колку всушност е важно раното откривање на болеста и колку времето може да има значење.

„Немате идеја колку времето е значајно и колку треба да се искористи сѐ она што е екстра. Мојата болест се прошири за кратко... Најважно е да ја откриете на време и да направите нешто за тоа што е можно побрзо“.

Актерката сака да ги предупреди сите колку прегледите се важни и сака да посочи дека токму затоа решила јавно да го сподели искуството со болеста.

„Луѓето не знаат колку оваа болест може да ве остари, колку може да се здебелите од разните лекови. Има многу различни реакции и никогаш не сакав луѓето да ме фотографираат за да речат: Погледни ја како изгледа! Сакав да ви раскажам на начин за кој сметав дека е најдобар и ако со тоа можам да му помогнам барем на некој, тоа е за мене супер“, вели Шенон.

Денеска, таа е среќна што може да каже дека ја победила битката со ракот и што може да помине што е можно повеќе време со саканите, а препорачува секој да го направи тоа.

„Сакам да гледам фотографии од свадбата со мојот сопруг, но уште повеќе сакам да правиме фотографии сега и да уживаме во овој момент. Сега е предизвик. Предизвик е да се сакате во тешки времиња, во болест, во време на несигурна иднина. Тешко е да се чувствуваш секси и убаво кога поминуваш низ разни третмани и тешко е да му дозволиш некому да те сака во тоа време. Знам дека мојот сопруг се соочи со многу предизвици во ова тешко време, но тој сѐ уште е тука за мене, сега сме посилни од кога и да е. Заљубени сме повеќе од кога и да е. Сѐ што правиме, правиме повеќе“, завршува таа.

Деновиве својата приказна со ракот на дебелото црево ја сподели и нејзиниот колега од серијата, Лук Пери кој посочи на важноста на овие прегледи за рано откривање на болеста.

Она што требало да биде сосема рутинска процедура, се претворило во нешто што актерот не го ни очекувал.

Позитивната работа била таа што она што докторите го пронашле било во многу рана фаза и веднаш успешно било отстрането, по што актерот преку разни проекти постојано се заложува за постојани рутински прегледи и нивната важност.

Објавено:
21 март 2017
Категорија: 
Стории
Прочитано:
4.946 пати