Со идејата „да се инвестира во себе е најсигурна инвестиција", Фондацијата Елена Лука во јануари годинава објави јавен Конкурс за бесплатни професионални обуки за вработување, преку кој на пет жени и девојки ќе им овозможи да стекнат професионални вештини во области кои што им се афинитет и со тоа ќе бидат поконкурентни на пазарот на трудот.
Денеска во просториите на Фондацијата беше организирана и официјална средба на која петте селектирани жени и девојки, врз основа на однапред дефинирани критериуми, се запознаа конкретно со можностите кои им се обезбедени преку овој проект на Фондацијата. Секоја од нив ќе добие бесплатни обуки преку кои ќе стекнат нови или ќе ги надоградат постоечките вештини во професионални области кои се нивен личен афинитет.
„Денеска заокружуваме уште еден проект што го спроведуваме во рамките на Фондацијата Елена Лука, чија основна цел е да се зајакнат капацитетите на жените и девојките за вклучување на пазарот на трудот, имајќи го предвид фактот дека тие се помалку застапени во вкупниот број вработени во државата. На овој начин тие долгорочно вложуваат во себе, што секако за нив би значело и посигурна иднина од финансиски аспект. Во суштина денеска и официјално жените што ги избравме на јавниот оглас ќе се запознаат со основите на обуките за кои тие се одлучија, а понатаму ќе следува период на стекнување вештини и пракса во одредената област. Во јануари годинава објавивме јавен оглас на кој се пријавија голем број на жени и девојки од целата територија на државата, а изборот на петте учеснички на обуките беше извршен врз основа на однапред дефинирани критериуми. Сите учеснички, по свој избор, се одлучија за видот на обуките според нивните интереси и потреби. Им посакувам голем успех и остварување на нивните професионални амбиции", изјави Елена Пандева, основач на Фондацијата Елена Лука.
Петте селектирани кандидатки кои денеска координаторот на проектот, Благородна Шопова ги запозна со деталите, се: Емилија Унева која се одлучи за обука за изработка на филиграни, Маја Пупулеска и Лаура Ракип кои ќе посетуваат обука за фризери, Наташа Петревска која ќе се обучува за шминкер и Наиле Дурмиши која ќе посетува обуки за моден дизајн. На денешната средба тие изразија подготвеност максимално да ја искористат оваа можност, да инвестираат во себе и по завршувањето на обуките, активно да се вклучат на пазарот на трудот.