Џена Лајонс го напушта J.Crew по 26 години работа

4 април 2017

Креативната директорка и заштитно лице на J.Crew Џена Лајонс, го напушта познатиот бренд по цели 26 години успешна работа.

Таа дефинитивно стана синоним за брендот, благодарение на неверојатниот стил и свежите идеи со кои располагаше во целиот свој работен век.

„Џена и јас се согласивме дека дојде време за промени. Таа веќе има планови за некои други проекти. Ова беше неверојатно искуство. Меѓусебно, ќе продолжиме да се почитуваме како што беше случај  и досега“, изјави извршниот директор на брендот Мики Дрекслер.

Како што соопштија од брендот, за нов шеф на дизајн ќе биде назначен Сомсак Сикхонмонг кој досега беше на чело на одделот за дизајн на женска облека во J.Crew и Madewell.

Во текот на својата работа таа создаде неверојатно кул парчиња кои подразбираа носење на светкави комбинации во текот на денот, но и комбинирање на едноставни бели маички со класични женски костими.

Сите ќе кажат дека нејзината визија за брендот била секогаш да создаде колекции кои ќе зрачат со карактер, но сепак ќе бидат „откачени“.

Последниве неколку години брендот почна да се соочува со серија проблеми почнувајќи од сериозни долгови, па сѐ до незадоволни клиенти.

Таа беше ангажирана како дизајнер на брендот веднаш по завршувањето на факултетот во 1990 година, но светот подобро ја запозна кога во 2003 стана главен дизајнер на женската линија.

Со текот на времето таа стана заштитно лице на брендот и своја сопствена муза кога се креациите во прашање.

Препознатлива по долгата црна коса, очилата со црни рамки и фантастичниот стил, таа буквално живееше за брендот и на најдобар можен начин го промовираше она што го создаваше.

Извршниот директор на J.Crew изјави дека се очекува дизајнерката да остане во брендот до крајот на годината, по што ќе започне со реализација на сопствените проекти.

Објавено:
4 април 2017
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
138 пати