Соработката помеѓу млад фотограф и искусен модел резултираше со едиторијал „Lady“

6 јули 2017

Модниот едиторијал „Lady" е резултатот од соработката помеѓу искусниот модел Снежана Богдановска – Сани и младиот фотограф Стефан Соколовски, за кој всушност ова е истовремено и проект за неговиот годишен испит на студиите по фотографија.

Ја прашавме Сани за предизвикот во спојот на професионалното искуство и свежиот младешки ентузијазам, помеѓу двајца креативци од различни генерации.

„И фотографот и моделот многу добро знаат дека меѓусебната доверба е клучна и детерминирачка за успешен продукт и тоа лесно функционира ако се обајцата искусни. Искусниот пак фотограф многу глатко ќе го упатува младиот модел. Но, интеракцијата меѓу млад фотограф и искусен модел може да функционира единствено доколку кај моделот не постои скепса, а кај фотографот предрасуда. И се разбира само доколку е тој талентиран . Кај младиот студент по фотографија Стефан Соколовски тоа е веднаш воочливо. Тој живее за фотографијата и за создавање убавина. Во меѓувреме си го „пече" занаетот, едукативно и практично. Едиторијалот „Lady" кој заедно го сработивме е всушност негов годишен испит на студиите по фотографија. Самата тема е инспирирана од идејата за некаква апотеоза на зрелата жена, но и укажување што етикетата „Lady" навистина подразбира. Доколку прво ја забележите облеката па потоа личноста која таа облека ја носи тогаш тука персоналитетот е дефинитивно дефицитарен. Етикетата „Lady" подразбира персоналитет, харизматичност, беспрекорен вкус и вродена отменост. Префинет начин на комуникација со себе и со светот. Сосема спротивно од кич, турбо-фолк имиџи на силиконски усни , мачкасти нокти и смешни надоградби на коса", вели Сани во својата изјава.

 

Објавено:
6 јули 2017
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
280 пати