На третиот ден од шестнаесетото издание на Моден викенд Скопје, што се одржува во „Скопје Мериот Хотел“, присутните имаа можност да присуствуваат на четири ревии со различен естетски сензибилитет и инспирација која се движи од македонската до француската историја.
„Калеш Анѓа“ на „Алшар“
Честа да ја отвори вечерта ја имаше дизајнерката Силвија Миха од ателјето „Алшар“ и колекцијата насловена „Калеш Анѓа“.
Инспирирана од истоимената книга на Столе Попов, ревијата започна токму со цитат од истата, со акцент на жените и нивната борба за слобода и личен избор.
-Кроевите и формите на креациите се инспирирани од македонските носии и облеките на нашите револуционери – ќе каже дизајнерката.
Поголемиот дел од креациите се изработени од кадифе, со имплементирање на елементи од македонскиот фолклор. Асиметричните форми се исто така доминантни, ставен е акцент и на волуменот, а притоа внимавајќи и на изразувањето на сексапилот, а во тоа помогнаа ремените, ресите и несекојдневните изрази.
Свеченото дефиле на „Walone fashion group“
Косовската модна куќа досега сме имале можност да ја видиме повеќе пати на Модниот викенд, како и во рамки на Fashion Bridal Night. Тие останаа доследни на својата естетика, при што презентираа свечени фустани и венчаници за актуелната сезона есен/зима 2017/18.
Материјалите со многу светки, монистра и сјај доминираа на пистата, како и ресите, што многумина ги потсети на ерата на чарлстон. На пистата видовме и една гламурозна венчаница, со сјај и тантела. Ревијата сепак заврши со креација со огромно волуменозно здолниште и карнери, нешто што го видовме и претходната вечер од косовскиот бренд „Minna Fashion“.
Ана Трошиќ Трајковиќ и „42“
Српската дизајнерка Ана Трошиќ Трајковиќ вчеравечер за првпат се претстави пред македонската публика. Насловот на колекцијата е „42“ а сè потекнува од инспирацијата од познатиот роман „Автостоперски водич низ галаксијата“ на Даглас Адамс. „42“ е одговор на прашањето за животот, универзумот и сè останато.
Ана со својата колекција внесе живост и донесе освежување. Мноштво на бои, еклектични парчиња го привлекуваат вниманието и едноставно сакате да гледате уште. Со смелото комбинирање на бои и тканини, таа понуди вистинска, урбана, поп-ап колекција, дури и со фанки елементи.
„Shaleva Couture“ и „French elegance“
Најновата колекција на „Shaleva Couture“ е инспирирана од барокниот стил, односно француската мода и елеганција на француската жена. Доминираат црните нијанси во комбинација со златните детали.
Дизајнерката Душица Петит одлучи да им даде акцент на долгите и миди креации, но не изостануваа ниту панталоните, палтата. Речиси секоја комбинација имаше впечатливи детали, презентирани преку копозиција на светкави камчиња или друга ткаенина. Женската колекција Петит ја надополни и со една машка, во истиот естетски сензибилитет.
фото извор: Fashion Weekend Skopje/AniDimi
Инаку, во рамки на вчерашниот ден беа одржани и менторски сесии, како дел од „Програмата за поддршка и развој на мали и средни претпријатија во креативна индустрија“, која Моден викенд Скопје ја организира со поддршка со Министерството за економија.
Во улога на предавачи се најдоа Јована Зука, Анита Гај, „Ани и Дими“ и Елена Додевска, а темите кои беа обработувани се: „Што е стил и колку е важен за вашиот бренд, Брендирањето на производите, Важноста на фотографијата за модните брендови, како и Основи на менаџментот во модата и упатства за започнување на бизнис и методи во производството.
„Целта на овој проект е менторство, промоција и демонстрација на креативноста на младите дизајнери на облека, обувки и галантерија пред општата јавност, медиумите, експертите, купувачите, со цел да се воспостави и да се зајакне нивниот бизнис преку заемно корисни контакти и соработка со крајна цел- подобра пазарна економија. Веруваме дека стратешкото негување на креативните индустрии во Македонија ќе помогне да се развијат растот на МСП и претприемништвото со што ќе се подобри бизнис атмосферата во регионот“, велат организаторите.
Есенското издание на Моден викенд Скопје ќе биде затворен вечерва и тоа со мултимедијалната презентација на Ирина Тошева, во „Иновативниот центар на Македонски телеком“, а поддржана од topsi.mk.