Во домовите на Ралф Лорен

4 септември 2013

Денешниот фокус во поглед на домашните ентериери го ставаме на американскиот моден дизајнер Ралф Лорен. Но нема да ви претставиме само едно од неговите живеалишта туку ќе направиме една тура низ неколкуте негови домови.

 

 

Прво ви ја презентираме зградата на Ралф Лорен во Бедфорд, Њујорк. Веднаш се забележува афинитетот кон трендовите на 18 и 19 век во внатрешноста на домот. Во дневната соба гледаме масивен мебел, големи лустери и уметнички слики насликани во маслена техника, оквирени во огромни и тешки златни рамки.

 

 

Антички предмети како свеќници и керамика, дополнети со персиски килими, перници и куп книги, кои во комбинации со многуте бои кои се мешаат , оддаваат впечаток на пренатрупаност но пак од друга страна и чувство на комфор.

 

 

Куќата покрај базенот е можеби едно од најубавите живеалишта кое некогаш сте го виделе. Високите прозорци, ја простираат светлината насекаде низ куќата, па таа личи на сончева топка. Меката пастелна палета со која е обоен мебелот и ентериерот генерално, повторно во антички стил, и даваат елегантен шмек на целата визија. Најголем впечаток оставаат кинеските порцелански вазни кои се уникатни парчиња и датираат од 18 век. Градината е во винтиџ стил и е многу пријатна за одмор и уживање.

 

 

Фасцинантен е неговиот ранч во Колорадо. Само од фотографиите можете да го воочите уникатното спокојство кое струи низ планинските предели. Се чини дека до нас допира мирисот на борова смола, песната на птиците и пријатната свежина на воздухот. Ова место е музата на овој дизајнер. Овде Ралф ги ткае модните приказни и добива инспирација за нови идеи.

 

 

Ентериерот е „облечен“ во дрвен мебел кој е рачна изработка. Целата куќа е обвиткана со дрвени греди, шарени теписи и перници со етно дезени, старински предмети кои го доловуваат впечатокот на планинска куќа.

 

 

И конечно мал поглед во неговата канцеларија која се наоѓа во зграда на Медисон Авенијата. Просторот е исполнет со многу душа, бои, книги статуетки, мозаик од фотографии, графички цртежи и авион наместо лустер. Креативност, инвентивност и уникатност во секој поглед.

 

 

Објавено:
4 септември 2013
Категорија: 
Стории