Меѓународна порака од Карлос Селдран за Светскиот ден на театарот

25 март 2019

На 27 – ми март ќе се одбележи Светскиот ден на театарот, а како и секоја година познати писатели, режисери, актери ги пренесоа своите прекрасни пораки.

Оваа година, меѓународната порака ја напиша режисерот и драмски писател Карлос Селдран од Куба, а истата во целост, преведена од Сашо Огненовски ја читате во продолжение.

-Пред да станам свесен за театарот, моите учители веќе беа таму. Тие ги беа изградиле своите куќи и својот поетски пристап кон остатоците од нивните животи. Многу од нив се непознати или едвај да се присети човек на нив. Тие делуваа од тишина, во смиреноста на нивните соби за проби и во нивните театри преполни со гледачи и полека, после години работа и извонредно достигнување, тие постепено се слизнаа од тие места и исчезнаа. Кога разбрав дека мојата лична судбина ќе биде да ги следам нивните стапки, јас исто така сфатив дека сум го наследил тој зафат, оригиналната традиција на живеење во сегашноста без никакво друго очекување поинакво од достигнувањето на транспарентноста на неповторливиот момент, момент на средба со друг таков во мракот на театарот, без понатамошна заштита освен вистината на гестата, на ослободениот збор.

Мојата театарска татковина лежи на тие моменти на средба на гледачите што доаѓаат во нашиот театар ноќ по ноќ, од најразличните придружници од мојот град кои доаѓаат да ни прават друштво и да споделат со нас неколку часови, неколку минути. Мојот живот е изграден од такви, единствени моменти кога јас прекинувам да бидам јас, да страдам за себе, и јас сум прероден и го сфаќам значењето на театарската професија: да се живеат миговите на чистата ефемерна вистина каде што ние знаеме дека она што го кажуваме и го правиме таму, под светлините на сцената е вистина и го одразува најдлабокиот, најличниот дел од нас самите. Мојата театарска земја, мојата и онаа на моите актери е земја исткаена од такви моменти каде ние живееме зад маските, зад реториката, зад стравот да бидеме она што сме и ние тогаш во мракот се фаќаме за раце.

Театарската традиција е хоризонтална. Никој не може да потврди дека театарот живее во било кој центар од светот, во било кој град или привилегирана зграда. Театарот, каков што го добив јас, се шири низ една невидлива географија, што ги меша животите на оние кои го изведуваат и театарскиот занает во една единствена и унифицирана геста. Сите мајстори на театарот умираат со своите мигови на неповторливата луцидност и убавина; сите тие избледнуваат на истиот начин, без било која друга трансцендентност за да ги заштити и да ги направи славни. Театарските учители го знаат тоа, ниедно признание не е вредно кога е соочено со таа точност која е корен на нашата работа: креирање на мигови на вистина, на двосмисленост, на сила, на слобода на средината од таа огромна опасност. Ништо не преживува освен податоците и записите од нивната работа на видеа или на фотографии кои ќе дофатат само една бледа идеја од она што тие го направиле. Сепак, она што секогаш ќе недостасува од тие записи е тивката реакција на публиката која во еден момент сфаќа дека она што се случува не може да се преведе или да го има некаде надвор, дека вистината споделена таму е едно животно искуство, дури и поделикатна и од самиот живот.

Кога сфатив дека театарот е држава сама за себе, голема територија која го покрива целиот свет, во мене се роди една решителност која исто така беше и едно остварување на слободата: ти не мораш да одиш некаде далеку, ниту пак да се поместиш оттаму каде што си, не мораш ниту да трчаш, ниту пак да се придвижиш. Публиката е онаму каде што живееш ти. Ги имаш на своја страна колегите кои што ти се потребни. Таму, надвор од куќата, ја имаш целата таа матна, непробојна дневна реалност. Потоа, ти работиш од таа очигледна неподвижност за да го формираш најголемото патување воопшто, да ја повториш Одисејата, патувањето на Аргонаутите; ти си неподвижен патник кој не прекинува да ја забрзува густината и ригидноста на својот реален свет. Твоето патување е пат кон мигот, кон моментот, кон неповторливата средба пред твоите врсници. Твоето патување е кон нив, кон нивното срце, кон нивната субјективност. Ти патуваш во нив самите, во нивните емоции, во нивните сеќавања кои те будат и те мобилизираат. Твоето патување е вртоглаво и никој не може да го измери или да го замолкне. Ниту пак некој може да го препознае во вистинската големина, тоа е патување низ фантазијата на твоите луѓе, семе кое е посеано во најдалечните земји: граѓанската, етичката и човечката свест на твоите гледачи. Токму заради тоа, јас не се мрдам, останувам дома, меѓу своите најблиски, во очигледна тишина, работејќи дење и ноќе, бидејќи јас ја имам тајната на брзината.

Објавено:
25 март 2019
Категорија: 
Култура
Прочитано:
149 пати