Прв голем кастинг во нашата земја што ги вклучува дамите 40+, во организација на Елена Лука и Sweet40+!

3 мај 2019

За прв пат во нашата земја, модниот бренд Елена Лука во соработка со онлајн платформата Sweet40+, на иницијатива на г-ѓа Елена Пандева, организира голем кастинг што ги вклучува дамите 40+.

Во низата успешни средби и проекти, се надоврзува и овој исклучително значаен настан што има за цел пред сè да оствари комуникација меѓу дамите од оваа целна група, од различни профили и да им отвори можност да одговорат на нови, интересни животни предизвици и да се вклучат во различни модни кампањи што ќе бидат во организација на г-ѓа Елена Пандева како генерален менаџер на модниот бренд Елена Лука и онлајн платформата Sweet 40+.

Кастингот е закажан за утре (сабота, 4. мај), со почеток во 12 часот во ателјето за венчаници на Елена Лука во Капиштец, а е од отворен карактер, односно учество во кастингот ќе земат големиот број на дами што претходно испратија свои податоци како единствен услов за пријава.

Концептот на кастингот е организиран така што ќе вклучува пријатна и забавна атмосфера каде дамите ќе имаат можност во едно убаво опкружување да се дружат меѓусебе, додека паралелно е во тек кастингот, а секако и да се информираат за сите детали што ги интересираат околу проектот, но и за сите новитети поврзани со модната куќа Елена Лука.

„Ги покануваме сите кандидатки кои пратија фотографии и податоци, да бидат дел и да учествуваат на отворениот кастинг во сабота, (4. мај) во ателјето за венчаници на Елена Лука во Скопје", велат организаторите во својата покана.

Како што велат од Sweet 40+, сите кандидатки кои ќе бидат одбрани, ќе имаат можност да учествуваат во различни, артистични едиторијали преку кои ќе се нагласи убавината и автентичноста на секоја возрасна група, нивната уникатност и зрелост во секој поглед, вклучително и нивната индивидуалност.

Ве очекуваме на пријатна дружба!

 

Објавено:
3 мај 2019
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
1.015 пати