Веднаш по појавувањето на првиот модел на ревијата за висока мода на Ели Сааб можеше да се заклучи дека мистичната Кина била неговата инспирација.
Како што одминуваа моделите, можевме да видиме раскошни и луксузни креации кои беа како создадени за кинеските кралици и владетелки, а кои денеска, во оваа форма се наменети за модерните дами што сакаат нешто повеќе.
Што се однесува до материјалите, свилата, сатенот и кадифето беа оние на кои големиот Ели Сааб им даде најголемо значење, а кои дополнително ги украси со рачно везени мотиви од инспиративната Кина.
На пистата можевме да видиме елегантни фустани на едно рамо, дополнети со долга „опашка“, раскошни насликани наметки, впечатливи ремени на половината, а очекувано и кимоно фустани како ода за земјата што го инспирираше дизајнерот овојпат.
За изработката и деталите на креациите воопшто не треба ниту да се коментира, бидејќи како и секогаш, дизајнерот даде сè од себе за на неговите клиентки да им пружи колекција каква што заслужуваат.
Што се однесува до боите, Сааб понуди вистинско шаренило почнувајќи од интензивна црвена, темно зелена, златна, нежна розова и омилената сина.
Секако, како ниту една друга колекција, така и оваа не помина без венчаница за која ќе се говори долго потоа, па сите беа воодушевени кога на пистата се појави луксузна креација во златна нијанса, на која ѝ беше додадена романтична наметка со златни детали и впечатлива круна.
Погледнете како изгледа новата колекција на омилениот Ели Сааб.