Разликата помеѓу стилот и модата

24 септември 2013

Живееме во време каде што се обрнува големо внимание на стајлингот и каде што буквално се се стилизира, на пример од четката за заби, па се до папката за документи. Зборот стил потекнува од латинскиот збор „stilius“ а неговиот буквален превод е рачка или пенкало, а во модниот речник  се однесува на сите обележја по која личноста се разликува од останатите, на она што е препознатливо во нејзината визуелна појава.

Во потесна смила на зборот може да се зборува за стил во музиката, модата, уметноста или книжевноста, а во поширока смисла се однесува на личните преференции и способноста да направите избор на модни парчиња кои ќе одговараат на вашиот изглед.

Исто така зборот мода често го користиме во секојдневното комуницирање. Потекнува од латинскиот збор „modus“ што значи начин кој најчесто се подразбира како начин на живот. Постојат земји каде што акцентот се става на традиционалните вредности, а тоа се однесува и на изгледот на жената и облеката. Во тој контекст, со текот на годините може да се добие само делумно пософистицирана нота, но не и целосна промена на изгледот.

Но, сепак да се навратиме на значењето на стилот. И самата Коко Шанел има изјавено „Модата поминува, но стилот е вечен“.  Токму затоа тргнете од советот на оваа модна икона и изградете стил кој ќе биде уникатен и одраз на тоа што сте всушност вие, а не да бидете жртва на модата. Не ги следете слепо модните трендови, туку од нив одберете го токму она кое најмногу ви одговара на стајлингот.

Градењето на стилот бара време и внимание, но сепак наш совет е секогаш да одбирате парчиња во кои вие пред се ќе се чувствувате опуштено и кои сте сигурно дека одлично ви прилегаат. Со текот на времето ќе сфатите дека немате потреба од секојдневно подновување, туку дека и вие самите ќе ги доградувате веќе постоечките модни парчиња со некој новитет. Токму тоа е умешноста на вистинскиот професионалец.

Објавено:
24 септември 2013
Категорија: 
Стории