Приказни од градот

Таа не е девојка од модниот свет, но совршено се снаоѓа во него

13 септември 2019

Никица Ацева, 22-годишна студентка на Филолошкиот факултет во Скопје и инструкторка по зумба, ја сретнавме на Инстаграм. Вниманието ни го привлече на прв поглед – девојка чија пријатна и позитивна енергија, ќе ја почувствувате дури и преку фотографија. Тоа беше првата причина поради која ѝ се обративме, а втората – фантастично ускладената естетика на нејзиниот стил.

Се заинтересиравме за нејзината приказна и не згрешивме. Никица има многу што да ни раскаже и тоа со задоволство го направи за нас.

„Јас не сум девојка која доаѓа од модниот свет, туку само студентка на Филолошкиот факултет во Скопје, со креативен дух. За мене можам накратко да издвојам дека уметничките афинитети и секојдневното само-стилизирање ме доведоа да бидам ова што сум денес- почетник инстаграм инфлуенсер. Отсекогаш постоела идејата да се претставам пред поширок аудиториум, но пред околу 8 месеци официјално создадов услови да ја започнам мојата приказна. Всушност јас не се претставувам и класифицирам како моден блогер, но модата и тоа како е дел од мојот животен стил. Сакам да изградам еден поинаков профил на нашите простори, кој ќе биде инспиративен, препознатлив и корисен за моите следбеници. Приказната се базира на тоа што би носеле во конкретни, секојдневни и реални ситуации во кои секој еден од нас се нашол барем еднаш во животот", го започнавме разговорот со Никица, што веќе нè доведе до следната тема – нејзинот моден блог: Stylish corner by Nikica.

Пријатно се изненадивме не само од фотографиите на кои ќе препознаете девојка со високоразвиено чувство за мода иако никогаш директно не била поврзана со тој свет, туку и самата содржина и концептот кои ненаметливо ве водат низ нејзиното секојдневие.

Тука дознавме и за нејзните почетни искри кон модниот универзум. Во воведот на блогот ќе прочитате дека таа била мало, и како што и самата ќе каже, буцкасто девојче, лудо вљубено во модата.

„Сите оние стилски парчиња изгледаа совршено во каталозите и на моделите, но на моето полничко тело и не баш. Си мислев еден ден и мојот облик ќе биде во „мода", светот ќе ги поддржи и „плус сајз" девојките кои се креативни и сакаат да остават свој печат во модниот свет. Но, како и на секое мало девојче туѓите мислења доста ми влијаеа и поголеми беа шансите јас дасе вклопам во нивните стандарди, според нивните критериуми, отколку нивното мислење да отскокнувам од друштвото. Затоа „стегнав заби" и се впуштив во акција. За време на тој тежок период модата ми беше мотивација, за секојдневно малку по малку да успеам во таа цел. Една година подоцна, успешно влегував во секое парче кое ми се допаѓаше. Денес за среќа моето предвидување се оствари, „плус сајз" моделите се вистински хит. Мило ми е што новите генерации нема да наидат на такви проблеми и ќе бидат слободоумни да ја покажат креативноста и модната освестеност. Како и да е, никогаш не се покајав за сè што ме донесе до ова што сум денес. Откако едната точка од приказната ја завршив, остана уште втората, а таа е моето созревање. „Stylish corner by Nikica" е почетокот на мојата приказна за уметноста општо и мојот животен стил, а преку него ќе се обидам да ви ја доловам и вас", ја запознава Никица својата публика на блогот со нејзините почетоци.

Избегнувајќи го стандардниот летен одмор на плажа, Никица одлучи летово да го помине во Франкфурт, надградувајќи го своето познавање на германскот јазик, а притоа користејќи ја приликата да направи одлични фотографии за својот блог и инстаграм профил.

Низ разговорот ни откри и една интересна случка, која има убава, човечка порака.

„Ќе ви откријам една интересна приказна што ми се случи при една од фотосесиите, еден убав дождлив ден: ми требаше чадор, но не било каков, проѕирен со црни точки. Се спремив за сликањето и излегов да го барам последниот детал за да го исполнам концептот кој го замислив. Го превртев цел град, но не успеав да најдам такво нешто, бев спремна да си одам дома и да се откажам од сликата. Кога влегов во последната продавница во која ми кажаа дека можеби има таков модел, видов една жена, држеше токму таков чадор каков што ми беше потребен. Ја прашав од каде и' е за да одам и да го купам, но рече дека и' бил стар и не знае каде би можела да најдам сличен. По две минути дојде и ми рече ако сакам да го земам нејзиниот, нејзе не и' требал толку. И' понудив да и' купам друг во замена со тој за да не ја оставам без чадор, но не прифати. Ми рече "мило ми е што направив некого среќен денес". Во оваа прилика сакам јавно да и' се заблагодарам што ми овозможи да ја направам оваа слика", го завршивме разговорот со Никица, но со тоа не завршува нашата заедничка дружба.

 

Објавено:
13 септември 2019
Категорија: 
Стории
Прочитано:
2.554 пати