Го гледавме „Bombshell“: Молчењето не е злато!

27 декември 2019

„Bombshell" вчера премиерно беше прикажан во македонските кина.

Растеретени од големата популарност и вниманието што го предизвика филмот (примарно поради интригантната, вистинска приказна и поради одличнот кастинг), си оставивме простор за лично доживување на екранизацијата на еден од најголемите скандали во телевизиската индустрија.

Веќе ви е познато дека режисерот Џеј Роуч приказната на филмот ја базира на бруталната реалност со која се соочуваат жените, во најголем дел новинарки во телевизиската мрежа „Фокс" кои биле сексуално вознемирувани од првиот човек на мрежата, Роџер Ејлс и неговото симнување од тронот по откривањето на скандалот во 2016-та година.

Првиот впечаток е дека ова не е феминстички филм, иако можеби некој е со такви очекувања. Ова е филм што ја екранизира токсичната атмосфера на работното место, деградацијата, сексуалното вознемирување, сексуализација на жената, потценување на реалните способности – ситуации со кои секојдневно се соочуваат милиони жени низ светот, а прикажани преку еден скандал кој ја смени историјата и теркот во телевизиската индустрија. Притоа без непотребно банализирање.

Шарлиз Терон во улога на познатата и авторитетна новинарка Мегин Кели, инаку жртва на сексуално вознемирување на телевизискиот монгул, е централната фигура, и од аспект на улогата што ја толкува и од аспект на тоа како ја пренесува. Ќе се сложиме со светската критика – маестрална е!

Трансформацијата е драстична, до степен да си го поставите прашањето – дали е ова Шарлиз Терон (но, не во контекст на нејзната улога во „Монструм")? Секако тука значајна улога игра и перфектно изведената шминка, но не мислиме само на физичката трансформација, која патем доведува до неверојатна сличност со личноста од реалноста, туку и на комплетното портретирање што ја вклучува дури и мутацијата на гласот. Шарлиз заслужува втор Оскар после оваа улога.

Вториот реален лик, новинарката и поранешна вработена во Фокс, Гречен Карлсон, го толкува Никол Кидман. Впечатокот и во нејзиниот пример е вонсериско и концизно пренесување на улогата. И повторно шминката има значајна функција во доловувањето на физичката сличност. Битниот момент што треба да се подвлече, е дека токму Гречен го потегнува првиот, а воедно и најхрабриот потег: таа прва се осмелува да покрене тужба против Роџер и со тоа започнува почетокот на крајот. Гречен става крај на молкот! И моментот кога одлучува да го направи тоа, е пресвртот во филмот.

Марго Роби толкува имагинарен лик, но како проекција на сите ( а нивниот број не е мал) жртви на Роџер Ејлс. Преку нејзината улога е пренесен стравот, несигурноста, наивноста, на младите жртви кои после трагичното искуство и трауми преживеани на работното место и по откривањето на скандалот, прогледуваат, добиваат глас и храброст да застанат од спротивната страна. Да го погледнат во очи угнетувачот и да го покажат со прст.

А како кратко дефинирање на комплексниот лик на Роџер Ејлс, особено за публиката која не е запозната со неговата моќ, статус и профил, тој меѓу своите вработени, но и претпоставени, бил познат како љубителот на нозе. Јасно, затоа што ги терал своите вработени, жени-новинарки, кои ги сметал за своја сопственост, да носат кратки, тесни, здолништа што им ги откриваат нозете.

Дури во техниката од „неговото време" постоеле и камери за нозе! Неговиот изговор е дека публиката (десно ориентирана) сака тоа да го гледа! А неговиот прототип за женственост е одраз на примитивизам.
На крај наместо да се соочи со судот на моралот и срамот, онолку брутално колку што тој ги деморализирал своите вработени, неговата кариера завршува со тоа што никогаш не бил осуден, туку напротив, без да бидат споменати никакви сексуални злоставувања, Руперт Мурдок му исплатил огромна сума на пари за спогодбено да си замине од ТВ мрежата.

Тоа остава простор за многу прашања откако ќе го гледате филмот.

Дали навистина постои моќ што може да им се спротивстави до крај на моќниците кои се ставаат во улога на надчовечко суштество? Дали на следната работна позиција ќе биде подобро или полошо? Дали сте сè уште во подредена позиција ако сте жена?

Молчењето не е решение, во ниту еден случај!

 

Објавено:
27 декември 2019
Категорија: 
Култура
Прочитано:
1.089 пати
Тагови: 
Bombshell