Мистеријата зад женскиот поглед - изложба на Ерина Богоева која во фокусот ја става жената

3 март 2020

Убавината на жената не се наоѓа само во нејзиниот физички изглед. Напротив, таа извира од истрајноста, упорноста, креативноста, посветеноста да се исполни сопствениот потенцијал. Сите овие работи се присутни во погледот на една жена и без разлика на тоа каде тој е вперен, очите цврсто гледаат кон крајната цел. На гледачите од страна им останува задачата да одгатнат која е мистеријата зад погледот на една жена.

Ова е увертирата во фотографската приказна на нашата позната фотографка Ерина Богоева, која ве кани на нејзината изложба насловена „Мистеријата зад женскиот поглед“, а ќе биде отворена на 9. март со почеток во 19 часот во  просториите на Europe House во Скопје.

„Во оваа серија на портрети прикажувам млади и талентирани жени кои и покрај сите ограничувачки фактори што може да ги има во една вака мала средина, не престанале да се трудат, да творат и на патот кон својот успех да се обидуваат да остават свој печат врз македонското културно миље. Тоа се актерки, уметници, режисерки, писателки, мејкап артистки, дизајнерки и со еден збор- креативци кои својот најмоќен израз го даруваат на една или друга уметност. Ентузијазмот е големата сила која им дава
енергија и за мене токму тоа ја претставуваше магијата која сакав да ја овековечам во нивните погледи, кога весели, кога заводливи, кога тајновити... но, секогаш борбени и храбри. Затоа и сакам оваа моја изложба да им ја посветам ним и на овој начин да им одадам скромно признание за нивните досегашни успеси со надеж дека во мојава земја ќе започне процес на вистинска валоризација на сите видови на културни дејци. Оваа изложба ја поставувам со надеж и дека некоја млада жена ќе се пронајде во
погледите на овие жени и ќе продолжи да чекори по својот пат“, вели Ерина.

Изложбата е организирана во рамки на серијата Културни приказни на делегацијата на ЕУ во Скопје. Ќе остане отворена за посетители до 27.03.2020.

Објавено:
3 март 2020
Категорија: 
Култура
Прочитано:
646 пати