Познатиот италијански бренд „Долче и Габана“ неодамна го одржа своето модно шоу на кое ја презентираше колекцијата за есен-зима 21, а дел од него беше и македонскиот модел Ивана Манас.
„Нашата гордост Ивана Манас настапи на ревијата на дизајнерското дуо Долче и Габана. Откако ја обнови соработката со модната агенција „Моделс ИН Менаџмент“ за краток период потпиша договор со српската агенција „JS' Management“ и веднаш решија да ја пласираат во Милано. Ивана е совршена за висока мода и очекувано беше да ја изберат за светски бренд“ вели нејзиниот матичен агент Алек Наумовски.
Тој верува дека ова е само почеток на нејзината успешна интернационална кариера.
„Сега е во Италија како дел од агенцијата Тhe Lab Models Milano каде што работи на нови проекти и останува до средина на месец март, потоа во договор со агенцијата од Белград ќе решиме каде ќе патува следно иако знаеме дека ќе направи голема кариера“ додава Алек.
Инаку, Долче и Габана овој пат претставија малку поинаква колекција од онаа естетика на која сме навикнале. Овој пат инспирацијата не беше Италија, мајката и семејството, туку 90-тите.
Ако се сеќавате на групата „Аква“ и хитот „Barbie Girl“, тогаш ќе ви биде интересно да видите како модното дуо во денешен контекст ја „пакува“ оваа приказна од 90-тите. Тие и беа задолжени за изгледот на групата во 1998 година за „World Music Awards“. Години подоцна, поточно 25 години, модното дуо развива цела колекција инспирирани од оваа естетика.
Интензивнни бои, металик ефект, различни текстури, ретро фризура, верувамме дека ова посебно ќе ги освои новите генерации, посебно „Тик-токерите“.