Стара железничка станица - симбол на страдање исто колку и на ново раѓање

26 јули 2021

Старата железничка станица, денеска Музеј на град Скопје е еден од најмаркантните симболи на некогашното Скопје. Денеска, кога се одбележуваат 58 години од катастрофалниот земјотрес кој се случи во 5.17 часот наутро, се потсетуваме и на приказната што со себе ја носи железничката станица и застанатиот часовник.

фото извор: www.facebook.com/SkopjeRadost

Железниците порано биле симбол на патување, напредок, на нови места, на урбанизираност... Беа места каде што се слушаа илјадници чекори, каде што воздухот е исполнет со возбуда, среќа, тага, љубов... Каде што надежта е секогаш присутна, каде поздравот е некогаш погласен од сирената на возот, а некогаш премолчен, но секогаш присутен.

Но, тоа утро на 26 јули 1963 година, за „само“ 20 секунди ќе стане симбол на страдањето.

Според податоците што можат да се најдат, денешната стара железничка станица во Скопје почнала да се гради во 1937 година. Пред тоа на ова место се наоѓала железничката станица која била изградена уште во 1873 година, кога и бил воведен железничкиот сообраќај во Македонија. Била една меѓу првите на овие простори, што го издвојува Скопје како град со голем потенцијал да стане урбан центар. За унапредување на железничкиот сообраќај, Банската управа решила да изгради нова железничка станица во Скопје. Камен-темелите биле поставени во 1937 година, а изградбата траела 3 години.

Дело е на српскиот архитекст Велимир Гавриловиќ. Располагала со капацитет од 24 воза дневно и уште 14 локални. 

фото извор: www.facebook.com/SkopjeRadost

Непосредно по земјотресот,одлучено е урнатиот дел од Станицата, заедно со сочуваните перони, како и со часовникот над главниот влез, застанат во 5.17 часот, во времето на случувањето на катастрофата, да останат како споменик на трагичниот момент на скопската историја.

И со неговото обновување, станува симбол на повторното раѓање на градот, на солидардноста, на ново Скопје.

Прашање е колку ние денес го чуваме тој симбол.

Низ годините се покажа дека „земјотресот“ што можат луѓето да го предизвикаат може да биде речиси подеднакво разорен.

фото извор: marh.mк

Сведочиме на нови промени на градот (културолошки, урбанистички, општествени, па и политички), но се надеваме дека тие нема да го „покријат“ некогашниот спомен. 

Затоа што, не смееме да се правиме дека не се случило. 

Не смееме поради сите што тој 26 јули го загубиле својот живот, не смееме заради сите пролеани солзи, за сите ноќи проспиени под отворено небо... Не смееме ниту поради сите што ни помогнаа повторно да имаме Скопје и поради кои се нарекува и град на солидарноста. Не смееме ниту поради генерациите што ќе дојдат.

Изгледот на Старата железничка денес изгледа поразлично. За жал, хотел „Брисол“ веќе не постои. Ниту пак калдрмата...

фото извор: Pinterest.com

фото извор: www.facebook.com/SkopjeRadost

Но, часовникот да.

Можеби ова веќе не е „срцето на градот“, но во срце треба да се носи.

А Скопје да се сака. 

Солидарност, солзи, и сеќавања, среќа, смеа, и сокаци, сочувствителност, спријателувања, спомени и  сплотеност, создавање, сопнување, и смет и сонце, и соништа... Се' е тоа Скопје! 

Што помислувате кога ќе поминете оттаму? Дали уште се среќавате со некого? Дали се' уште се случуваат прегратки, надеж, љубов, тага и среќа на тоа место каде се менувале животи?

 

за дел од текстот се користени материјали од сајтот marh.mk;

Објавено:
26 јули 2021
Категорија: 
Стории
Прочитано:
1.532 пати