По петти пат викендов во Струмица се одржа хуманитаниот настан „Убави сме, свои сме“, во организација на Здружението за поддршка и помош на лица со Даунов синдром „Вера“.
Ревијата ја отвори тому Вера, малата принцеза која со себе носи верба, глас и надеж за подобро утре и чие име всушност го носи Здружението – организатор на настанот.
И со ова уште еднаш потсетуваат дека убавината не познава форми и дека тоа што сме свои, нè прави уште поубави.
Концепиран како модна ревија, настанот годинава вклучи педесетина учесници – деца и лица со попреченост, нивни другарчиња, соученици, како и лица од јавниот живот, од културата, општествениот сектор, спортот...
Претседателката на здружението, г-ѓата Анче Туфекчиева нагласи дека децата со попреченост заслужуваат внимание и простор да ги истакнат своите квалитети, но дека е неопходна поддршка и подадена рака. Воедно изрази благодарност до сите учесници и до компаниите и општините Струмица и Валандово.
Традиционално, како и секоја година, меѓу оние кои несебично го даваат својот придонес и ја слават различноста е и домашната модна куќа ЕЛЕНА ЛУКА.
Годинава со својата креација ја усреќија и направија да изгледа и да се чувствува како вистинска принцеза малата Михаела Петров, која има церебрална парализа, со желба да го памети ова искуство како нешто што ќе ѝ мами насмевка на лицето. Во креирањето на убав заеднички спомен ѝ помогна и младата Анастасија, која ја придружуваше и за која ЕЛЕНА ЛУКА изработи слична, складна креација на онаа на Михаела.
Од брендот велат дека детската насмевка и среќа нема цена и дека секогаш со задоволство се дел од настанот чија мисија е да ги прегрнеме различностите.
И токму во тоа е моќта на овој настан. Уште една од многуте пораки кои ја испраќаат е и таа дека треба да се сплотиме во целта светот денес и утре да биде убаво место за живеење за сите.
Во продолжение ќе видите уште неколку фотографии од атмосферата:
фото извор: Радио Струмица.Нет