Ведрана Рудан: „Уметницата мора да биде убава, да биде убава“...

6 мај 2022

На блогот на авторката Ведрана Рудан осамна нов текст кој ја третира темата на тоа како ја перцепираме убавината и новите стандарди што се наметнуваат, помеѓу другото, користејќи го делот на песната на српската претставничка на Евросонг, Констракта и „Уметница мора бити здрава“, во случајот на  Ведрана, убава.

Во продолжение го споделуваме со вас, а вие пишете ни ги вашите впечатоци:

фото: laguna.rs

„За неколку дена заминувам за Белград, на промоцијата на книгата „Доживотна робија“. Не велам дека е лесно да се напише книга, оваа ја пишував три години, но колку е тешка подготовката за промоција знае само уметницата која мора да биде убава. Кому му е гајле за книгата која ја промовира уметницата која не е убава.

Зад мене се недели и недели тешки маки. Од „Лагуна“ ми најавија дека ќе настапам на  неколку телевизии. Веднаш му се јавив на естетскиот хирург и му го објаснив проблемот.

„Јас би сакала на брзина да ми го намалите подбрадокот, во образите да ми ставите вештачки јаболчници, дискретно да ми ги зголемите усните, да ми ги избришете брчките од челото, носот да ми го смените, да го ишмукате вишокот сало од мене, едно десет килограми жива мера...“

„Госпоѓо Рудан, колку години имате?“

„Шеесет“. Какво идиотско прашање.

„Зафатите кои ги споменувате се прилично инвазивни и според мене сосема непотребни. Треба достоинствено да се старее, вие сте позната уметница, а тоа што го сакате, не ви треба. Мајка ми редовно го чита вашиот блог...“

Му спуштив слушалка. “Достоинствено стареење“. Кој сака да старее? Не ми треба мене „достоинство“. Сакам да бидам убава! Ѝ се јавив на докторката Весна. Ми го премачка лицето со некоја смеса, да не ме боли. Еве не знам колку пати ме боцна за на промоцијата да изгледам “небоцкана“. Ѝ нагласив дека не сакам да изгледам како депресивно куче, дека брчките околу усните ме излудуваат и оние околу очите и оние на челото, вратот...

„Добро, добро, само вие опуштете се“. Од ординацијата излегов неколку милилитри помлада. Се погледнав во огледало. Во мене гледаше стара госпоѓа, разликата не ја видов, затоа што заборавив како изгледаше уметницата „претходно“. Барем селфи да направив.

На Корзо ја сретнав Ива. Седнавме во она кафуле на средина на Корзото. Покрај нас поминуваа жени кои пред себе имаа огромни гради.

„Како ми одат на нерви овие „силиконките“. Кога ние жените ќе станеме човечки суштества и ќе престанеме да бидеме предмет. Знаеш ли дека внука ми, има десет години, веќе се движи наоколу полугола. На нејзините врсници не им паѓа на памет да носат маици кои едвај би им ги покриле брадавиците. Зошто светот не се менува? Ние жените самите сме си виновни. Кога би вложувале толку труд во вежбање на мозокот, колку во вежбање на задникот, каде би ни бил крајот?“

„Кој ти ја правеше устата“, прашав. 

„Доктор Томац. Уште се свежи, кога ќе ми падне отокот се' ќе дојде на свое. А ти каде се напумпа?“

„Јас? Напумпана?“

„Ма дај. Жените дене се делат на оние кои се боцкаат и оние кои зборуваат дека не го прават тоа. Изгледаш подобро“.

„Јас не се боцкам. Имам добра генетика.  Мислам дека сите ние би морале достоинствено да старееме. Секоја моја брчка ме потсетува на некој момент од животот...“

„Дај не збори. Сите боцкани така зборуваат, за генетиката и достинството. Нема достоинство во староста. Староста е сра**е. А ти си уметница. Уметницата мора да биде убава“.

„Не знам што ќе облечам за настапите“. Заминавме во продавница, не сакам да ги рекламирам, не сакаа да ми дадат попуст, таму купив три одела.

„Секоја жена која денес држи до себе мора да носи одело. Белким, не сакаш да изгледаш како жена“.

Фризерката Јасмина ми кажа дека на глава мора да се стават три бои. Едната ќе ми ги покрие седите влакна, другата да ми ја сокрие првата боја, а третата која на косата ќе ѝ го даде touch, кој на гледачите пред тв екраните ќе им порача дека сум се вратила од Малдивите.

„Некое време бидете во три бои, два дена пред настапот конечно ќе одлучиме дали да ставиме уште некоја боја или пак да ги избришеме Малдивите“.

„Ало, јас сум Маца. Ги виде ли новите модели на Ана Кујунџиќ? Која царица!“

„Не“.

„Ќе ти пратам на Вибер, оваа лево мораш да ја купиш за Белград“.

Фустанот го купив, патики позајмив од внука ми, неонски зелени, неонски жолти и четири пара бели.

Уште да застанам пред огледало и да го повежбам одговорот на прашањето на тв водителката колку трошам на својата убавина, но тоа ќе го направам кога ќе ми се намали отколот од усните.

Ќе ѝ кажам: „Убавина? Ха, ха! Јас сум жена од стар ков. Треба достоинствено да се старее. Јас не сум предмет, јас сум личност. Секоја моја брчка...“

Немојте да ме издадете. На книгата заработувам 1.000 евра, а за промоцијата потрошив три илјади евра. Како ќе го покријам минусот? Знам, вечерва ќе напишам нова книга, додека филерите уште држат и додека оделата не излегле од мода.

Затоа што, уметницата мора да биде убава.“

 

Целиот текст во оригинал прочитајте го тука.

Објавено:
6 мај 2022
Категорија: 
Стории
Прочитано:
830 пати