Завчера вечер Градскиот парк во Скопје беше магичен, обоен од музиката на нашиот светски филмски композитор, музички продуцент и пијанист, Дуке Бојаџиев.
Целиот концепт поставен како на сцена од бајковит филм, кај езерцето, меѓу дрвјата осветлени во различни бои, пред публика жедна за убавина, Дуке и пријателите приредија светски концерт во рамки на програмата за одбележување на Денот на Европа 9-ти мај.
Во една прекрасна фузија меѓу филмот, музиката и поезијата, 20-члениот оркестар составен од членови на Македонската филхармонија под диригентство на Ана Спасовска, ни ги донесоа веќе препознатливите саундраци од филмовите како „До балчак" и „Војната заврши", но нѐ запознаа и со новите модерни дела на композиторот создадени под импресија на различни култури, како француската и шпанската измешани со традиционалните звуци на балканската и медитеранската музика.
Вечната љубовна поезија на Руми, во интерпретација на актерките Наташа Петровиќ и Амернис Нокшиќи, ја зачинија музиката со уште поинтензивна убавина, а специјалните гости Бахрамџи – сантур/вокал, Медуса Одисеј – два диџеи/гитара/перкусии и Миријам и Иса – вокал, му дадоа уште поширок, космополитски дух на настанот.
Во езерцето на Градскиот парк се рефлектираше љубов, хармонија и искри на целосно уживање за сите сетила.
Мултикултурно искуство какво би сакале почесто да ни се повторува.
Фото: Europe House Skopje