Netflix подготвува реално шоу според хит серијата „Squid Game“

15 јуни 2022

Иако можеби беше сосема неочекувано јужнокорејската трилер серија „Squid Game" да го постигне успехот што го постигна и да стане најгледаното шоу на Netflix со неверојатни 1,65 милијарди часови од серијата прегледани во првите 28 дена од објавувањето, сепак речиси секој што имаше шанса да ја погледне серијата, уште веднаш очекуваше втора сезона.

За големо задоволство на љубителите на „Squid Game", на почетокот на оваа недела, стриминг платформата и официјално ја објави втората сезона од серијата. И доколку тоа не е доволно за да ја подгрее возбудата на гледачите, од Netflix исто така објавуваат дека се подготвува и реална верзија од натпреварот што ѝ го даде насловот на серијата „Squid Game".

Новото спиноф реално шоу е насловено „Squid Game: The Challenge", а од Netflix велат дека секој може да се пријави да биде дел од оваа вистинска, но најверојатно несмртоносна игра. Оттаму велат дека „456 вистински играчи ќе имаат можност да влезат во играта и да се натпреваруваат за парична награда во вредност од 4,56 милиони долари што ќе го промени нивниот живот".

Правилата за играта објавени на официјалната веб страна на реалното шоу, SquidGameCasting.com, велат дека „за овој круг, Front Man е во потрага по говорници на англиски јазик од кој било дел од светот. Апликантите мора да имаат најмалку 21 година и да бидат достапни до четири недели снимање на почетокот на 2023 година."

Според стриминг платформата, ова е најголемата екипа и сума за парична награда во историјата на реалити ТВ. Играчите ќе се натпреваруваат низ серија игри инспирирани од оригиналното шоу и нивните стратегии и карактер ќе бидат ставени на тест додека конкурентите се елиминираат околу нив. Иако инспириран од смртоносната игра во оригиналната серија, во овој натпревар најлошата судбина е натпреварувачите да си заминат дома со празни раце.

Од Netflix исто така ветуваат дека освен познатите правила на „Squid Game", за играчите се подготвуваат и дополнителни изненадувања.

Објавено:
15 јуни 2022
Категорија: 
Култура
Прочитано:
208 пати