Која е Мишел Јо, актерката што испиша историја на Оскарите?

13 март 2023


Ако ми се даде шанса, "ќе растурам". Од секогаш сум го имала тој став, уште од малечка.

И навистина тоа се случи. Мишел Јо растури на Оскарите и стана првата азијатка, што освоила оскар.

Но, пред емотивно да се обрати на големата сцена вчеравечер во Долби театарот, Мишел беше мало девојче од Малезија што обожуваше балет.

Јо е родена во 1962 година во Ипох, Малезија. Уште од своја четири годишна возраст изучувала балет, а подоцна се посветила и на пијаното.

Покрај уметностите, Јо сакала и спорт, па накратко тренирала кошарка, пливање и рагби.

Како тинејџерка се сели во Лондон, каде се запишува на Кралската академија да изучува балет, но животот имал други планови за Мишел.

Поради случајна повреда на грбот, надежите да стане балерина паѓаат во вода.

Нејзината убавина, во 80-те и донела неколку титули за најубава девојка, како Мис Малезија и Мис Мумба, избор што се одржува во Мелбурн, Австралија.

Јо за прв пат се појавува на телевизија во 1984 година во реклама заедно со легендарниот Џеки Чен, а една година подоцна започнува да глуми во акциони филмови во Хонг Конг.

Движењата што ги научила со танцот, Мишел ги користи во нејзините филмови, а честопати сама ги изведува и каскадерските сцени.

Во 1988, Јо стапува во брак со извршниот директор на D&B Films Диксон Пун и се повлекува од глумата.

Парот се разведува во 1992 година, но актерката останува блиска со втората жена на Пун, а интересно е тоа што Мишел е и кума на неговата ќерка.

По неколку годишна пауза таа се враќа на глумата и станува многу популарна кај кинеската публика.

Западниот свет подобро ја запознава по нејзината улога во филмот за Џејмс Бонд Tomorrow Never Dies (1997), како и по улогата во Crouching Tiger, Hidden Dragon (2000).

Во 1999-та на Мишел и била понудена улога во продолжението на Матрикс, но актерката ја одбила.

Таа има една од поглавните улоги во драмата Memoirs of a Geisha, се појавува во акционата авантура The Mummy: Tomb of the Dragon Emperor, и во филмот Crazy Rich Asians од 2018-та.

Оскаровката меѓу другите награди е добитничка и на Златен глобус, а во 2020 година беше на листите жена на годината на Time и на BBC.

Мишел е дел од повеќе организации поврзани со борба против сидата, а вклучена е и во иницијативи за безбедност на патиштата.

Фото: Pinterest

Објавено:
13 март 2023
Категорија: 
Sweet 40+
Прочитано:
2.050 пати
Тагови: 
Оскар