Хит Леџер денес ќе наполнеше 44 години

4 април 2023

Хит Леџер, еден од непрежалените, прерано згаснати, холивудски актери. Токму кога животот му ги додели вистинските карти, тој си замина од овој свет, на неполни 28 години.

Кога ќе се спомене ова име пред очи ни доаѓа неговата последна улога како Џокер во The Dark Knight.

Иако не ја доврши својата најголема улога, маестралноста со која го прикажа Џокер на големото платно, му донесе постхумен Оскар.

Во салата се аплаудираше долго, колегите се присетуваа на талентираниот актер од Австралија, а солзите не можеа да се задржат.

Но, Хит не беше само Џокер, тој одлично одигра низа прекрасни улоги. Од комичен срцекршач до длабоко драматичен лик, не постоеше улога што Леџер не можеше да ја одигра.

Засекогаш ќе го паметиме по 10 Things I Hate About You, Casanova, The Brothers Grimm, Brokeback Mountain...

На денешен ден Хит ќе наполнеше 44 години, а без сомнение ќе полнеше и многу киносали. Неговата генијалност ќе ги мамеше луѓето да го погледнат во филмовите, да видат како маестрално одиграл уште една улога.

Но, тоа е животот.

Покрај актерските остварувања, Леџер зад себе остави и ќерка. Тој заедно со актерката Мишел Вилијамс, со која беше во врска три години, во 2005-та станаа родители на малата Матилда Роуз.

Актерот беше и одличен во шах, дури учествуваше и на натпревари, а ја сакаше и фотографијата.

Можеби Џокерот и неговата комплексност беа премногу за Хит, кој целосно се внесуваше во улогите.

Енергијата што ја имаше го доведе до работ, а оттаму не успеа да се врати.

Чувствувам дека си го губам времето, ако се повторувам себе си.

И тој никогаш не се повтори.

Фото:Pinterest

Објавено:
4 април 2023
Категорија: 
Култура
Прочитано:
1.101 пати