Слободна територија за нови креативни освојувања-АКСЦ

20 ноември 2013

Скопје добива нов креативен издувен вентил! Автономен Културно Социјален Центар е ново инспиративно урбано место кое официјално ќе биде отворено во петок (22 ноември) со почеток во 19 часот и кое ќе ги собере сите оние кои имаат добра волја за културен и општествен развој.

Се работи за простор за уметничко, општествено-ангажирано критичко промислување и делување. Загушени од институциите и меинстрим медиумите, АКСЦ е алтернативен простор за независната култура. Слободна зона за критичко размислување, дебатирање и активизам. Филмски проекции, поетски читања, истражувачки проекти, јавни дебати, изложби, уметнички перформанси, работилници за деца, готвење, размена на литература... се иницијативи за послободно, похумано и покреативно општетсво, соопштуваат од АКСЦ.


АКСЦ работи без профит. Партизански, волонтерски, ентузијастички. Без пари, ама со срце! Центарот е отворен за сите граѓани и секој има право да предложува идеи. Функционираме без авторитети и хиерархија, по хоризонтална основа и според принципите на еднаквост, директна демократија, доверба, солидарност и заемно помагање.


Моделот за опстанок на ова креативно, активистичко катче е самоорганизација и самоодржливост. Ако веруваш во оваа идеја, со добра воља и на твоја одговорност може да помогнеш во функционирањето и одржливоста АКСЦ, кој не е само простор, туку и концепт.

Фото: Доријан Миловановиќ и Лилика Стрезоска

Објавено:
20 ноември 2013
Категорија: 
Актуел