Вчеравечер во атмосфера која не потсети на пролетниот амбиент, модната куќа Кокев, на чело со дизајнерката Тања Кокев, ја промовираше новата колекција на венчаници за сезоната пролет-лето 2014 година.
„Новата екоколекција е составена од 36 модели, поделени во 6 категории, а секоја категорија се одликува со посебен стил, за да може секоја идна невеста да си го најде својот модел“, вели дизајнерката.
Материјалите кои се користени во изработката на дизајните се свилата, органзата, сатенот, кои се земени како основни ткаенини за изработка на здолништата и многу тантела за креирање на горните делови.
„Нема некоја посебна приказна или причина за годинешната колекција освен фактот дека е мошне разновидна, но сепак романтичниот момент е главен двигател во секоја креација“, објаснува Кокев.
За шминката на моделите се погрижи Зоран Шурбевски, за фризурите Бубе Студио Ин, фотографскиот момент им беше доделен на Ани Дими, а за парчињата накит кои ги красеа моделите се погрижи Sigma Jewelry.