Големо враќање на Скјапарели на неделата на висока мода во Париз

20 јануари 2014

Под креативно водство на Марко Занини, култниот „кутур“ бренд Скјапарели по 1954 година, утрово го одржа своето прво историско модно шоу на неделата за висока мода во Париз, кое беше фасцинантно не само поради импозантните модели кои и се очекуваа под оваа етикета, туку и поради емотивниот момент на повторното враќање по долгогодишното отсуство од пистите.

Премиерната колекција од високата мода на новиот креативен директор донесе нови магични моменти во  приказната на Скјапарели. Пастелно обоените парчиња, волуменозните ракави и здолништа, сосема неконвенционалните кроеви и комбинации на дезени и текстури, играта со метални нијанси - даваат нов предзнак на препознатливиот дизајн, а шапките во необични форми ја задржуваат автентичноста кој беше личен опис на основачката на овој бренд, ексецнтричната Елза Скјапарели.

Рачната изработка беше во фокусот на дизајнерската креација. Тоа особено се забележува во изработката на аксесоарите кои неизбежно потсетуваат на дизајнерската експресија на Елза, која била и појдовната поента на Занини.

„Најголемиот, а истовремено и најинтересниот предизвик беше да се врати дизајнерскиот свет на Елза во сегашноста, но и да се најави иднината“, изјави Занини за големиот предизвик на кој одговори со оваа колекција, но и во однос на тоа што му следи како одговорност на челната позиција на брендот.

 

 

 

Објавено:
20 јануари 2014
Категорија: 
Колекции