Со оглед на тоа што заврши еден од најубавите и најважни периоди во годината за модната индустрија, односно париската недела на висока мода, време е да ги избереме најубавите креации што ни го одземаа здивот.
Оваа година, големата Донатела Версаче го отвори шоуто во Париз со ревијата на Ателје Версаче и прикажа колекции вредни за почит. Во нејзината колекција можеа да се видат прекрасни, луксузни фустани од свила со интересни кроеви и во неверојатно убави бои. Со нејзината миленичка Лејди Гага во првиот ред облечена во нејзина креација, ревијата на Донатела можеби беше една од највпечатливите.
Сосема романтични и шармантни фустани во прекрасни пастелни бои можеа да се видат и во колекциите на големиот Ели Саб и Зухаир Мурад по кои девојките полудеа.
Елегантни и совршени беа парчињата и од колекцијата на Ралф и Русо во неверојатно нежни бои и со ултра креативни детали во вид на големи панделки и цветови.
Сосема уметнички и креативни креации на париската недела на висока мода прикажа и младиот дизајнер Серкан Цура и големиот Жан Пол Готје со Дита фон Тиз во главната улога на пеперутка.
Совршени материјали и неверојатно добри креации видовме и во колекцијата на големиот Валентино, кој со доза на мистичност и ултра романтизам прикажа одлични тоалети направени од свила, тантела и ултра квалитетен памук.
Колекцијата на Виктор и Ролф со балерините како модели, предизвика можеби најмногу критики на овогодишната недела на висока мода во Париз со оглед на тоа што направи парчиња за кои многумина посочија дека воопшто и не се дел од високата мода.
Во продолжение во галеријата погледнете ги најдобрите креации на светските дизајнери од овогодишната париска недела на висока мода и уживајте во сјајот и раскошот на она што значи вистинска бајка од фустан.