Последниот ден на париската недела на висока мода помина во знакот на пастелната совршеност во која можевме да уживаме гледајќи ја колекцијата на Зухаир Мурад, но и во современата женска елеганција во колекциите на Ралф и Русо и Серкан Цура.
Омилениот на жените Зухаир Мурад уште еднаш покажа колекција чие место и е дефинитивно во „високата мода“. Пастелните бои на фустаните, неверојатните материјали, одличните кроеви, дизајните на буквално сите парчиња, беа остварување на сонот на секоја девојка. Лелеавите материјали, совршено скроените здолништа, палта и комбинезони и пред се, перфектните детали на секое парче поединечно и дадоа посебен шарм на целата колекција.
На половината на секоја девојка, во рамки на секое изработено парче, можеше да се забележат интересни ремени во златна боја со прекрасно изработени листови како декорација. Во однос на шминката и фризурата, моделите на Зухаир и тука беа беспрекорни. Прекрасните коси на патец на секоја девојка што совршено се вклопуваа во моделите и даваа дополнителен сјај на фустаните, одлично прилегаа на минималната и нежна шминка што дизајнерот ја одбра.
На крајот од ревијата можевме да ја видиме и прекрасната венчаница што ја создаде дизајнерот, а која изгледаше како излезена од бајките. Целата венчаница, како и сите други модели, беше рачно изработена со прекрасни ситни цветчиња и шармантни детали, а во комбинација со велот на кој ги имаше истите детали, изгледаше едноставно совршено!
Подеднакво добра колекција на последниот ден од париската недела на висока мода прикажаа и Ралф и Русо чии модели беа олицетворение на желбите на девојките кога станува збор за елеганција. Од модната куќа претставија неодоливи парчиња, а во целата колекција можеа да се видат волуменозни здолништа во прекрасни бои, шармантни фустани со впечатливи и масивни детали во вид на панделки, но и романтични црвени и тоалети во беж боја.
Се чини дека романтичните и шармантни моменти се провлекуваа и во оваа колекција со оглед на тоа што дизајнерите претставија одлични светкави фустани што ја следеа линијата на женското тело, но и такви што беа како создадени за црвениот килим. Во однос на боите, најдоминантни беа белата, црната, сината и црвената боја. Шминката и фризурата на сите модели беше беспрекорна и минималистичка, со тоа што дизајнерите се одлучиле за собрана коса со патец на страна и ултра нежна шминка кај девојките.
Уште една интересна колекција прикажа и младиот и одличен дизајнер Серкан Цура, чии модели беа неверојатно уметнички. На поголемиот број модели прикажани на шоуто можеше да се види интересен дизајн и комбинација на пердуви со крзно која изгледаше одлично. Деталите во вид на егзотични цвеќиња на фустаните изгледаа сосема уметнички и совршено и апсолутно ја доловуваа идејата и инспирацијата на дизајнерот за оваа колекција – бурлеска девојките. Сите девојки беа театрално нашминкани, а нивните фризури исчешлани наназад со што го дополнија одлличниот впечаток што дизајнерот сакаше да го остави кај публиката.
Последниот ден од париската модна недела прикажа колекции со одлични парчиња што беа навистина за почит и за кој сме сигурни дека многу наскоро ќе ги видиме кај ѕвездите на црвениот килим. Ни преостанува да уживаме во овие парчиња се додека не дојде време за следното, романтично париско патување во светот на високата мода.