Покрај тенденциите во поглед на облеката и изборот на модните парчиња, дизајнерите, модните брендови и етикети, ги најавуваат и трендовите за убавина кои ќе ја одбележат претстојната топла сезона. Некои од најпознатите веќе ги лансираа новите козметички линии за кои во продолжение правиме краток преглед:
Том Форд
Новата колекција на Том Форд за пролет лето 2014 година го слави враќањето на топлото време користејќи нијанси кои се движат од неутрални тонови, па кон поинтензивни. Изгледајте природно и свежо е мотото на етикетата за оваа пролетна линија која ќе се најде во продажба во одредени продавници од март месец. Станува збор за ограничена верзија „line-up“, која содржи богати мешавини на природни состојки и витамини. Линијата вклучува осум варијанти на сјаеви за усни и четири нови бои на лак за нокти, кои ја потенцираат пролетната воздишка на природниот здрав изглед.
MAC
MAC „Fantasy of Flowers“ колекцијата за пролет-лето 2014 година е инспирирана од нежните бои на пролетните цвеќиња, зелениот сјај на првите лисја и расцветувањето на овошните дрвја. Линија која ќе ве разбуди од зимскиот сон и ќе ви го маѓепса секојдневието.
Гламурозна градина од неодоливи бои, скриени задоволства на деликатни пастелни пигменти, розови нијанси на сјаеви за усни, небесно хибридни и цветни тонови на сенки за очи со природен сјај, светкави руменила и лакови за нокти кои ќе ја разбудат вашата креативна фантазија.
Новата колекција ќе биде достапна на интернет на 30-ти јануари, на сајтот maccosmetics.com, на 6-ти февруари во сите продавници на MAC во Северна Америка, а од март и во сите локации на овој бренд ширум светот, освен во Јапонија.
Клиник
Брендот за убавина Клиник ја претстави својата колекција на шминка за пролет-лето 2014, која има за цел да ни го донесе пролетниот цут и мирисот на пролетта. Свежа и фанки линија која се состои од црвени цветни нијанси на навлажнувачки кармини и сјаеви за усни, како и нова верзија лакови за нокти во бои на виножито. Руменилата за образи во боја на цреша, ѓумбир, слива и праска се идеални за потенцирање на приордниот изглед, а нивната свиленкасто мазна текстура и прашкаст изглед ќе ви овозможат во текот на целиот ден да блескате. Култниот производ, тенкиот дизајн на кармин за усни кој освен што ги бојадисува вашите усни, ги штити и негува, а го има во виолетова, боја на божур, лубеница и портокал. Сочните бои беа инспирација овој бренд во склоп со оваа пролетна колекција да лансира и лимитирана верзија на парфем наречен „Happy“, чии светни ноти ќе ви даваат чувство на свежина и чистота преку целиот ден.
Мајкл Корс
И додека сите нестрпливо ја очекуваме пролетта, а пролетните колекции го окупираат етерот и Мајкл Корс реши да ја презентира својата линија на шминка за претстојната жешка сезона. Станува збор за комплети на сјаеви за усни и лакови на нокти, кои се одликуваат со секси, спортски и глам атрибути. Смели бои за храбри жени со стил кои сакаат да ја предизвикаат пролетта е мотото на дизајнерот.
Барбери
Британскиот бренд Барбери ја објави својата колекција на шминка за пролет-лето 2014 насловена „English Rose“. Креативниот директор Кристофер Бејли, тесно соработувал со уметничкиот консултант за шминка во Барбери, Венди Ров, за да создаде нова линија на шминка инспирирана од боите на колекцијата на облека што Барбери ја лансираше за оваа пролет, додавајќи англиска тантела, светли плетива и многу светки. Давајќи и комплетно една нова свежина на самите производи но и на дизајнот. Главни бои се розовата, зелената, бежот, кремово-жолтата и бојата на лаванда. Збирката вклучува две палети на сенки за очи, две нијанси на сјај за усни и 6 верзии на лакови за нокти. За свои музи на убавината кои ќе ја промовираат нивната колекција Барбери ги одбра британските модели Џордан Дан, Кара Делевињ и Еди Кембел. Новата линија е веќе достапна на интернет и во селектирани продавници.