Парада од славни личности и исто толку славни креации на реномирани дизајнерски имиња и брендови, „прошетаа“ на црвениот килим од 56-те по ред Греми музички награди во Лос Анџелес. Факт е дека овие денови медиумите „бомбардираа“ со информации, критики и пофалби од музички и но и моден аспект, упатени до ѕвездите кои свесни за публицитетот на настанот се обидоа да го изберат најдобриот стајлинг и да остават воодушевувачки впечаток. Но, не баш на секој, стајлингот му беше погоден од „прва“ иако зад креациите стоеја големи дизајнерски имиња. Недостатоците од креациите, шминката или аксесоарите, кај поединци потфрли, додека кај други заслужи пофалба. Некои од славните дами, кои иако не заминаа со награди и беа само придружба со своите славни партнери, достојно успеаја да се носат со комбинациите и да добијат ист интензитет на медиумско внимание. И Fashionel резимира за тоа кои ѕвезди имаа „џек-пот“ на себе, а кои беа за модно разочарување.
Француската актерка, пејачка и модел, Џозефин дел ла Бом носи креација која никако не може да остане не забележана, поради тоа што нејзиниот фустан наликува на ноќна пижама. Изгледа како набрзина да се подготвувала, не се погледнала во огледало, но заборавила и да облече градник. Намерно, или не Џозефин сигурно го има најлошиот стајлинг на Греми.
Американскиот актер и комичар Кевин Харт има на себе елегантна и модрена машка комбинација од црн костим со кафен принт кој одлично се совпаднал со неговиот тен. Златниот часовник е доказ дека е доволен аксесоар за одличен машки стајлинг. Кевин се одлучил за суптилни аксесоари како кафениот цветен брош и минијатурното црно шамивче. Секако, овој стајлинг со рангираме во оние како моден „џек-пот“.
За американската пејачка Сијара веќе коментиравме дека беше меѓу неколкуте што го актуелизираа металик трендот на црвениот килим. Макси сјаениот фустан од Емило Пучи, Сијара го износи на најдобар начин и покажа дека, иако е во блажена состојба, креацијата може да ја претстави блескаво колку што е и самиот модел. Нежната шминка и неуредно собраната коса, дополнително го насочија вниманието само кон маркантниот фустанот.
Освен успехот на музички план , 24 годишната пејачка Тејлор Свифт, која беше номинирана во неколку категории, на светската јавност уште еднаш и докажа дека никогаш не знае модно да погреши. Металик нијансата на макси фустанот од Гучи, уште еднаш ја истакна нејзината убавина и витката линија. Свесна дека и прилегаат фустаните во сирена крој, акцентот го насочила само кон тоалетата, која ја збогатила само со ситни обетки и нежна шминка.
Во групата на оние што модно потфрлија ја ставаме пејачката Алиша Кис, која иако имаше креација од Армани, не не воодушеви со изборот на моделот. Дискутабилно е тоа што ваквиот фустан не го истакна најдоброто, туку спротивното од нејзиното тело, а тоа се покачените килограми што најмногу се забележуваа во пределот кај колковите. Шминката исто така не беше за пофалба, премногу темната нијанса на пудра или бронзер направи таа да изгледа вештачки со неизедначен тен.
Манкенката Кристи Тејген е на пиедесталот за една од најдобро облечените на 56-те Греми награди. Таа во присуство на својот сопруг, чекореше на црвениот килим во сјаен металик сребрен фустн со златна нијанса со завршниот долан дел, креација на Џоана Џонсон. Слободно може да се каже дека ова е најпопуларниот фустан од големото музичко случување, кој иако фаворизиран и популаризиран, очекуваме повторно да го гледаме на црвените килими.
Музичарот Фарел Филијамс се одлучил за спортска комбинација за свечен настан, која според експертите не би била соодветна, но тоа веќе „паѓа во вода“. Токму овој спортски стајлинг, надополнет со впечатлива зимска машка шапка направи бура во модните медиуми и автоматски влегува во групата на добитните. Оваа шапка сега е популарна, а Фарел како и секогаш покажа дека освен клацичните комбинации, умее вешто да ги носи и спортските на црвен килим.
Првиот впечаток од изгледот на американската кантри пејачка, Каси Масгрејвс е дека таа изгледа анемично, бледо и оскудно. Светлата нијанса од макси фустанот со карнери прави Каси да мимикрира во него , кројот остава слика како недовршен и недефиниран. Доколку имала на себе повпечатлива шминка или аксесоари, можеби и овој стајлинг нема толку лошо да и прилега.