Кулминативните моменти на Њујоршката модна недела

13 февруари 2014

Актуелната Модна недела во Њујорк донесе неколку клучни промени кои сигурно ќе го трансформираат описот на њујоршката модна сцена со влијание врз глобалната модна индустрија. Дел од дизајнерите експериментираа со својот дизајнерски пристап и излегоа од  препознатливиот израз, други го заобиколија Менхетен и со своите колекции се упатија кон Бруклин, а видовме и неколку премиерни претставувања. Ова се највпечатливите моменти од до сега презентираното на NYFW.

 

Триумф на Викторија Бекам

Бекам доста успешно ја замени музичката со модната сцена и очигледно тука многу подобро се снаоѓа. Њујорк беше воодушевен од колекцијата која таа му ја презентираше, а очигледно и нејзиното сипатично семејство кое секако ја проследи од првите редови. Голем плус во нејзиното лично дизајнерско портфолио.

 

Маноло Бланик ги собра воздишките на дамите

Презентацијата на чевлите на Маноло Бланик за есен-зима 2014 повеќе асоцираше на уметничка инсталација отколку на промоција на колекција.

 

Зимска сценографија на шоуто на Хилфигер

Томи Хилфигер покрај тоа што прикажа зрела  иновативност во создавањето на една од најурбаните колекции кои беа прикажани на NYFW, очигледно не штедел на креативност во создавањето на целата приказна вклучувајќи ја и импозантната сценографија која снегот од њујоршките улици го донесе на своето шоу.

 

Пастелна палета на Филип Лим ќе го топи зимското студенило

За својата зимска колекција, Филип Лим побарал инспирација во топлите сончеви денови. Според неговата модна прогноза, наспроти студената сезона може да очекуваме топла мода обоена со позитивна-пастелна палета.

 

XXL пунџи на шоуто на Каролина Херера

Огромни, предименизионирани пунџи го привлекоа вниманието на модната ревија на Каролина Херера. Колекцијата им е целосно посветена на елегантните дами, со стил инспириран од 60-те: здолништа до колена, ракавици до подлактицте, нагласена половина и средени, огромни пунџи на главите.

 

Нудист-егзибиционист на ревијата на Prabal Gurung

Овој ексцентричен испад не го гледаме прв пат, само што наместо Долче и Габана, сега се случи на шоуто на Prabal Gurung. Млад, безмалку гол ентузијаст, со оскудно покриени интимни делови од телото и хартиена круна Burger King на главата, се прошета на пистата оставајќи зад себе сензација и бројни коментари на социјалните мрежи.

 

 

Трансформација на Marc by Marc Jacobs

Новото дизајнерско дуо,  Луела Бартли и Кејти Хилиер, ја трансформираа дефиницијата за Marc by Marc Jacobs и  добро познатиот бренд го пренасочија во една поинкава димензија која сигурно ќе ја обожаваат „стрит“ девојките.

 

Популарната шапка на Фарел Вилјамс...

....која за него ја изработи Вивијан Вествуд најавува ново „must have“ парче во уличната мода.

 

Објавено:
13 февруари 2014
Категорија: 
Стории