„Гринпис“ организацијата сериозно го „затресе“ модниот свет. Имено, неколку луксузни брендови беа критикувани за употреба на штетни материи во производството на облека.
Неодамна, оваа организација обвини неколку брендови дека користат штетни материи при производството на детска облека. Затоа, Гринпис, започнува глобална кампања која треба да ги мотивира светските етикети да престанат да користат штетни материи и да стартуваат безбедно и етичко производство. Иницијативата е под мотото „Детокс“.
„Детокс“ кампањата ја поддржаа повеќе од половина милион луѓе, кои бараат мода која ќе биде ослободена од штетните отрови.
Пред да ја покренат оваа кампања и да испратат тужби до познатите модни куќи, Гринпис купиле 27 парчиња облека од неколку продавници и врз основа на нив спровеле истражување кое вклучува испитување на материјалите. Резултатот покажа дека 16 парчиња, од кои 8 се направени во Италија, се позитивини на штетни материи.
Амбасадор на организацијата во борбата на „здрава мода“ е моделот Евгенија Володина. Рускиот модел учествуваше во снимањето на кампањата која е инспирирана од бајката на Ханс Кристијан Андерсен „Царевото ново руво“. Фотографскиот момент го улови Андреа Масари , кој успеа на мошне вешт начин да го илустрира основниот проблем, за кој што се бори Гринпис: наштетување на телото на детето кое носи облека во чиј состав има штетни хемикалии.