Заедничката порака од она што имавме можност да го видиме на модната недела во Лондон, е моќта на трансформацијата на „старите“ парчиња кои се наоѓаат во нашите гардеробери во сосема нови модни визии. Темите, колекциите, боите и модните додатоци добија сосема нова димензија во поглед на комбинирањето. Со досетливи и неверојатно инспиративни трикови, дизајнерите ни покажаа како да го освежиме нашето модно секојдневие.
Почетокот на „реконструкција“ на гардероберот не е лесен и едноставен процес. Некои жени не можат да се ослободат од „синдромот“ дека некои парчиња треба да ги фрлат, а некои да вметнат мали промени во стилот, на поголем дел од нив полесно им оди со употребата на кредитните картички, бидејќи тоа е едноставен начин да се стигне до посакуваната цел. Затоа ние со помош на прегледот од колекциите што ги видовме во рамките на Лондонската модна недела, ви предлагаме неколку едноставни совети како најлесно да го освежите вашето модно богатство, без притоа да не потрошите ниту еден денар.
„Зауздајте“ го вашиот стил со ремени
Зимската сезона ни наметнува да носиме малку повеќе облека на нас и тоа најчесто во слоевит израз на различните кроеви. Барбери Прорсум понуди мошне инвентивно решение за стилот на секоја жена која е во движење и носи капут со марама на него. За да не изгледате „надуено“, без силуета, на половината ставете тенок ремен со кој што нема само да го стегнете капутот и да ја нагласите половината, туку ќе ја вметнете и марамата, па така нема да ви смета во движењето, а ќе изгледате витко и модерно.
Прикривање
Сите сакаме да ги држиме нашите опции отворени кога станува збор за јакните и капутите. Со монтките можеме да се загрееме, а капутите со елегантен крој одлично да ни се вклопат во деловениот стил. На наша голема среќа пистите за следната студена сезона беа преплавени со различни форми и дезени на палта , од кои посебно ќе ги издвоиме моделите на Кристијан Кејн, кои што иако се долги, сепак ја следат линијата на телото, ја нагласуваат спортско-елегантната страна на стилот и она што е најважно нема да ги носите само една сезона.
Повлечете ги чорапите повисоко
Емилија Викстед, го дефинираше новото модно правило кое неколку сезони по ред се провлекува низ модните линии на светските брендови, но никако да дојде до израз. Чорапи со елегантни чевли и долг фустан. Без разлика дали станува збор за поопуштена варијанта или гламурозен изглед, важното е дека чорапите одат со сè. Дигнати над глужд што е можно повисоко. Најдобро би било да ги комбинирате со чевли со висока потпетица. Салонките се во мода, а вие бидете различни и прошетајте ги први вашите чорапчиња низ градските улици.
„Super size“ хероина
Ништо не може да ја победи моќта на еден совршено сошиен капут или мантил. Предимензионираните модели едноставно го уживаат периодот на своето владеење, а уште поубаво ако се изработени во некој фенси принт. Паднати раменици, заоблени пропорции и слободна должина на кројот, надополнета со големи јаки или крзно за што повпечатливо издание. Смела тенденција за која нема потреба од додатни коментари.
Откачени спојки: „се или нешто“
За следниот тренд и начин на миксање парчиња, бои и дезени, со цел создавање тотално уникатна комбинација треба многу, ама навистина многу голема храброст. Ајде да видиме кои дами се доволно смели за на себе да искомбинираат, широки бермуди од кожа во зелена боја, под кои има широки сиви панталони, виолетови хулахопки, чевли на потпетици во темно црвена нијанса, предимензионирана блуза во риги и маичка со невообичаен дезен, што се врзува на вратот. Џонатан Сандерс важи за дизајнерско име кое секогаш сака да експериментира со своите модни визии. Неговата цел е да ви биде топло, а сепак да изгледате кул и модерно.
Драматична елеганција
Мошне често проблем на голем број жени е изборот на фустан за соодветна прилика. Дилемите се постојано присутни и во голем број случаи не можат да се решат кој модел би бил вистинскиот избор. Мариос Шваб го има одговорот на сите модни главоболки. Таа на модната недела во Лондон демонстрираше изглед каде моделот носеше два фустани еден врз друг. Прво долгата тоалета, а потоа врз неа и краткиот фустан. Ефектот драматичен, критиките позитивни, а жените...сега за сега задоволни.
Врзете ја престилката
Марија Катрантзу ќе ви го промени мислењето кое досега сте го имале за престилката. Моделите на нејзината ревија дефилираа по пистата носејќи мини здолништа на кои од страна им „ѕиркаа“ престилки. Ако сакате пролетно да го разиграте вашиот стил, со користење на различни апликации и бои, тогаш вметнете кратка престилка. Ова ќе ги привлече љубопитните погледи, а мажите го доживуваат како неверојатно секси.
Малото понекогаш знае да биде големо
Жените го обожаваат фактот што модните додатоци и аксесоари можат да ги комбинираат за повеќе пригоди и изгледи. Брендот „Mother of Pear“, ни покажа нов начин како да ги искористиме малите марами кои ги имаме дома. Носете ги во вид на поло јака. Ставете ја марамата околу врат, завиткајте ја неколку пати, зависи колку е долга и на крај врзете чвор. Магично ќе го освежите вашиот изглед.
Двојно или ништо
Уште една двојна понуда, од модната етикета Preen, за сите оние жени кои не знаат дали повеќе сакаат да носат долг фустан или миди здолниште. Комбинирајте ги и двете одеднаш! Имате сосема нова креација за која не сте потрошиле ниту денар, а ќе изгледате одлично и дамски. Пробајте!
Трансформирајте се во суперхероина
Миди и долгите здолништа се мошне популарни. Ги видовме на писта, низ уличните стајлинзи, во првите редови, во сите можни нијанси, дезени, модели и принтови. Она што беше највпечатливо во тие изгледи беа златните метални плочкасти ремени, чија цел е да го преобразат вашиот секојдневен стил во нешто посебно.