Fashionel ги селектира своите топ 10 фаворити од Париската модна недела

6 март 2014

Внимателно ги проследивме сите дизајнерски колекции за следната зимска сезона кои беа презентирани на Модната недела во Париз која финишираше вчера, а како резиме на тоа, ги селектираме нашите десет омилени изгледи од модната писта. Иако воопшто не е едноставно да се направи една генерална слика на нашите фаворити, сепак во продолжение ќе имате можност да погледнете  колаж од различни стилови, сосема спротивни дизајнерски гледишта за идните трендови, богата колор палета, авантуристичка игра со форми, богат избор на детали, а сепак со еден заеднички предзнак: неминовна впечатливост. Во основа, приоритетот е на слоевитите комбинации, миди здолништата, фасцинантниот спој на принтови и дезени, едноставните минималистички кроеви, но и елегантите женствени силуети.

 

Валентино потврди дека уметноста може да биде нослива. Интензивните бои, точкастиот принт на миди здолништето во А линија и луксузот да се ужива во удобоста, а истовремено да се изгледа шик, се основните предиспозиции на оваа комбинација.

Валентино Валентино

 

Балансот помеѓу женствено нагласениот струк,  мистичниот приказ на сексапилот и релјефната игра материјалите е совршено постигнат во овој избор од Балман.

Балман Балман

 

Класичен париски шик: крзнена јака на краткото палто, баретка и панталони во двобојната комбинација на Џон Галијано.

Џон Галијано Џон Галијано

 

Ели Саб е докажан фаворит на жените вљубени во елегантната класична сензуалност. Ова е апсолутен избор за свечен момент: паралелно со елеганцијата, е проткаена едноставност  сведена на минимализам.

Ели Саб Ели Саб

 

 Емануел Унгаро направил микс на се што во мометов е актуелно: црно-бел контраст, миди здолниште со висок струк и кожени детали.

Емануел Унгаро Емануел Унгаро

 

Фаворитот на „уличните“ протагонисти, Кензо ќе владее во уличната мода и следната сезона. Асиметричен крој, XXL патенти во преден план и омилената боја на следната зимска сезона: портокалова.

Кензо Кензо

 

 Тотално урбано и секси. Ланвин во едноставноста на формата и строгите линии, вметна волуменозно крзно во предниот дел на палтото на преклоп.

Ланвин Ланвин

 

Во својата премиерна колекција за Луј Витон, Николас Гескиер  експериментираше со спојот на дезени, материјали и бои. Ова е варијанта за жените си изразена индивидуалност.

Луј Витон Луј Витон

 

Во комплетниот приказ на новата линија на Сен Лоран, доминираа мини здолништата комбинирани со високи чизми и палта со кратка и средна должина во А крој. Овој монохроматски, мрачен готик изглед е нашиот фаворит.

Сен Лоран Сен Лоран

 

Изабел Марант го продолжува трендот на андроген изглед во тотално кул и урбана варијанта. Ни се допаѓа хармонијата во спојот на зелените тонови, спортскиот дух на избраните парчиња и ноншалантниот изглед.

Изабел Марант Изабел Марант

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Објавено:
6 март 2014
Категорија: 
Тренд