Во период кога до Велигден, односно до завршувањето на постите не се случуваат венчавки, се подготвува една позитивна венчална „бура“ која многу наскоро ќе започне. Најголемиот број од свадбените церемонии веќе се закажани во рестораните и хотелите, а идните брачни двојки веќе се во еуфорија која се памети за цел живот. Одличен момент за решавање на сите дилеми и потрага по инспирација во однос на организација, декорација како и модел на венчаници и костум за младоженц, може да се најадат на четвртиот по ред „Саем за венчавки“ во скопскиот хотел „Александар Палас“. Од синоќа па до 16-ти март во организација на интернет магазинот за венчавки „Во бело“, преку 40 изложувачи ги нудат своите решенија од сите сегменти потребни за вашиот најубав ден.
Свеченото отворање на саемот беше збогатено со звуците од квартетот на Пламенка Трајковска, а домаќинката Светлана Црнокрак облечена во венчаница го најави саемот за отворен со настапот на поп пејачот Александар Белов. Вечерта продолжи со мини ревија на која сите изложувачи на венчаници се претставија со по еден модел презентиран на писта од манекенките од модното студио „Црнокрак“. Мини ревијата всушност беше најава за денешните индивудуални ревии кои ќе се одржуваат во текот на денот.
- Ова е четврто издание на единствениот саем од овој тип, во организација на интернет сајтот „Во бело“. Секоја година нудиме некое изненадување, интересни податоци. Еве оваа година наидовме на таков дека во 2014 година околу 15.000 момци ќе ги побараат своите девојки за жени. Годинава имаме околу 40 излагачи, а освен венчални фустани и костими, има презентација и на покани, фризури, шминка, компании за осветлување, сè што е потребно за ваков ден. Интересот е голем, бидејќи ова е настан што не може да се избегне и е интересен не само за младенците, туку и за потесниот па и поширокиот круг на семејството што се подготвува за свадба. Во наредните два дена ќе има индивидуални ревии, што ќе биде причина повеќе заинтересираните да го посетат настанот. Влезницата ќе чини 60 денари – вели Црнокрак.
Со оглед дека беше облечена во венчален фустан, ја прашавме да треба повторно да го одбере својот, за што би се одлучила:
- За оваа пригода облеков венчаница во Пепелашка стил, а така и се чувствувам. Но, не знам... зависи од моментот. Јас кога се мажев, пред 17 години, во мода беа, тесни фустани и јас имав таков. Сега можеби би избрала нешто сосема поинакво, се зависи од трендот и од она што во моментот би ми се допаднало - открива Светлана.
Целта на саемот е да дојдат што повеќе идни невести и младоженци, а токму такви забележавме во поголем број, меѓу нив ја сретнавме и идната невеста Снежана Тричковска која не ја криеше возбудата и несебично ја сподели со нас.
-Наскоро е мојата свадба и токму поради таа причина дојдов да се инспирирам на саемот. Сакам да видам буквално секакви идеи за декорација како и модели на венчаници. Нели секоја девојка уште како мала го замислува својот венчален фустан, па така и јас. Со текот на годините моите ставови околу моделот се менуваа, првин сакав некој во принцеза стил, потоа поедноставен, но сега знам дека не сакам некој волуменозен со многу светки, и верувам дека тука ќе го најдам соодветниот. Многу сум возбудена и ова е еден од најубавите моменти во мојот живот - вели Снежана
Дизајнерката од ателјето „Деа Споса“ вели дека е задоволна од маркетиншкиот фидбек од саемот, а годинава се претставуваат со модели на венчаници од „Деа Споса“, но и на реномираниот бред „Проновиас“ за кои се официјални застапници во Македонија.
-На саемот за венчавки се претставуваме со венчаници од „Деа Споса“ како и венчаници од популарниот бренд „Проновиас“. Ова не е првпат како изложуваме тука и навистина сме задоволни од фидбекот што го добиваме. Невестите не секогаш имаат идеја каква точно венчаница сакаат да носат на нивниот посебен ден и токму овој настан е местото каде можат да погледнат на едно место повеќе модели. Во однос на кроевите имаме изложено такви во сирена и А-крој како и волуменозни зашто нашите невести најчесто бараат такви. Од колекцијата на Проновиас изложена е линија венчаници од 2013 година, а наскоро ги очекуваме да пристигнат и најновите од 2014 година, изјавува дизајнерката Пепика.
Покарај венчаници, празник за очи беше и широкиот спектар на декорации кои ги следат светските естетски трендови за декорација. Накит, бомбони, торти, покани, перничиња за бурми, беа само мал дел од изложените примероци од поставката на ателјето Олимпиа.
-Нашиот салон веќе има 30 години искуство и работа за себе, а секоја година редовно изложуваме на саемот за венчавки нови идеи кои ќе ги задоволат сите вкусови на идните брачни двојки. Конкретно изработуваме накит, детали за коса, бидермаери, венчиња, декорирање на свеќи, чаши и чанти. Но, освен тоа не е исклучена и изработката на перничиња за бурми, невестински ракавици, и сите китенки поврзани со декорација. Денешните млади невести се повеќе бараат дискретен накит, зашто венчаниците кои сега ги купуваат се сами по себе многу богати и оттука накитот е сведен на едно суптилно ниво. Бидејќи изложуваме секоја година слободно можам да кажам дека добиваме одличен повратен ефект од истиот, вели сопственичката Олимпиа.
Од ателјето за венчаници „Forever“ велат дека саемот е одлична можност за промоција на нивната работа, но и олеснителна околност за сите двојки кои овој период се во позитивен свадбен хаос.
-Имаме венчаници за секакви вкусови од нашата најнова колекција, а на мини ревијата се претставуваме со една сексапилна, провокативна ,понеобична венчаница. Невестите што доаѓаат кај нас најчесто ги бараат моделите во Пепелашка стил односно волуменозни со многу тул. Присутна е и тантелата од која никогаш не се откажуваат, вели сопственичката Елена Ивановска.
Меѓу изложувачите ја сретнавме и дизајнерката Билјана Ѓоргиоска која од своето ателје „Bilia“ покрај венчаници изложува и свечени тоалети за кои вели дека се најдобриот избор на нејзините клиентки.
-Ако се направи добра организација и презентација, настанот е одличен за промовирање на креациите. Bilia изложува нова колекција на венчаници како и свечени фустани кои претходно поминале добро кај нашите клиенти. Во однос на тоа што најмногу се бара од модели на венчални фустани, тантелата како материјал е најбарана. Се надеваме дека овие три дена на саемот ќе поминеме одлично како и на ревијата со која ќе се претставиме вториот ден. Денеска на писта гледате еден модел од нашето ателје, односно една смирена верзија на венчаница која пред се ја истакнува нежната страна на невестата, вели дизајнерката и сопственичка Билјана Ѓоргиовска-Анџушев.
Една свадба не може да помине и без цветни аранжмани, па меѓу изложувачите беше и тимот од „Fenia Flowers“, кои освен вештачко и свежо цвеќе, располагаат и со несекојдневни свадбени декорации.
-Ние сме генерални увозници на грчки бренд со голема традиција, а со помош на нивното партнерство на нашиот пазар можеме да понудиме избор на висококвалитетно вештачко цвеќе. Работиме и со свежо, но главниот акцент сепак го ставаме на вештачкото. И во однос на цвеќињата и на декорацијата, актуелни се природните тонови – бело-зелените нијанси и пастелните како праска и крем.Неретко има и невести кои бараат нешто понесекојдневно. Ние често знаеме да ја понудиме и жолтата боја како опција, за нашите невести сè уште несекојдневна, но таа боја навистина изгледа убаво, свежо, топло, совршено за пролетта – велат Фросина и Јасмина.
Тие додаваат дека ова е добар начин да покажат со што се занимаваат, невестите да се запознаат со нивната работа и да видат со какви производи располагаат, но и сите потенцијални коминтенти со кои можат да соработуваат.
Уште едно од низата ателјеа за декорација и цвеќе е и „Дона ателје“. Покрај стандардните украси, бомбончиња, декорации на маса, велат, нудат и поинакви цветни аранжмани.
-Се работи за нов модел на бидермаери во форма на лепези, што сметаме дека ќе бидат вистински хит оваа сезона. Најчесто се барани во виолетова и крем боја, во посмирени тонови, а истото важи и за дрвените декорации, кои исто така ги сметаме за еден од актуелните производи. Акцент ставаме на природните материјали и тонов. Невестите што сакаат нешто поинакво, впечатливо и храбро се секогаш одличен предизвик за работа, но и сите останати, па заинтересираните можат да повелат и да видат како ние работиме –велат од „Дона ателје“.
За тоа што е во тренд кога се венчалните фустани во прашање, ни откри и Теута од модното ателје „Теа мода“.
- Посетителите кај нас можат да видат венчаници, свечени тоалети, повеќето рачно изработени со кристални, мониста, вез. Со оглед дека работам по нарачка, има навистина различни типови фустани, сè во склад на желбите на клиентите. Сепак, кога би требала да издвојам некоја тренд, би кажала дека поедноставните фустани се актуелни, со по некој впечатлив детаљ, од кристал или од гајтан, тие се исто така мошне барани. Од материјалите, тантелата е апсолутен хит, но онаа без вез т.н. турска, односно памучна.
Ова е нејзино четврто претставување на саемот и смета дека овој тип на настан е одличен начин за промоција.
- Не само венчални фустани, посетителите овде можат да видат сè што ги интересира и што се однесува на една свадба. Единствената забелешка би ми била во однос на терминот кога се одржува. Сметам дека треба да биде малку порано, бидејќи ретко кој може да си дозволи нарачка на венчаница еден месец пред свадбата. Инаку, манифестацијата е навистина убава – вели таа.
Понудата е голема и за сечиј вкус. Вратите на Александар Палас се отворени уште денеска и утре, па сите оние што се подготвуваат за најсвечениот ден во нивниот живот, можат да повелат и да се информираат за сето она што им е потребно.