„Ѕирнете“ што подготвуваат македонските дизајнери за претстојниот FWSK (трет дел)

18 март 2014

Во третото продолжение на предвремениот преглед на дизајнерските колекции кои ќе бидат претставени на претстојното, деветто по ред издание на Модниот викенд Скопје, Ирина Тошева ќе не прошета во еден подзаборавен орман, Маријана Рујаноска ќе ги предизвика жените со висока свест за урбаните трендови, Бобан Илиевски ќе остави нов дизајнерски печат со „Bohemian chic“, а ја најавуваме и дебитантската колекција на Оливера Штакоска.

 

Ирина Тошева ве води на прошетка во еден подзаборавен орман

Младата креаторка Ирина Тошева веќе е со поголемо искуство како учесник на Модниот викенд Скопје, а таа своја традиција ја продолжува и оваа сезона. За пролет-лето 2014 Тошева ретроспективно се наврати во ерата на хипи движењето, создавајќи колекција која го задржува нејзиниот препознатлив дизајнерски израз, младешката енергија која се чувствува во секое парче и богатиот колорит.

Парчиња од новата колекција на Ирина Тошева Парчиња од новата колекција на Ирина Тошева

“Оваа колекција ве води на прошетка во еден подзаборавен орман, каде ќе најдете шарени памучни ткаенини, живост што пркоси, мирис на носталгија и една позната мелодија, а вие ќе знаете како да ги оживеете низ еден модерен пулс“, открива Тошева.

Формите и дезените се инспирирани од 60-те и 70-те, или како што конкретно ни посочува дизајнерката, застапени се принтовите токму од популарните тапети во тие години.

Очила за сонце, како специјален моден додаток Очила за сонце, како специјален моден додаток

„Колекцијата ќе биде надополнета и со  очила за сонце, во калеидоскопски стил, кои што ја симболизираат и самата приказна. Главната идеја е кога ќе ги ставиме очилата тие да не одведат на патување во еден друг свет. Линијата е наменета за млади луѓе, но и за сите оние кои се чувствуваат така“, додава дизајнерката.

 

Марјана Рујаноска ја креираше „PURENESS“ за жени со висока свест за урбаните трендови

Минатата сезона, младата прилепчанка Марјана Рујановска го имаше своето дизајнерско деби на Модниот викенд Скопје, а оваа сезона продолжува со претставување на својата линија за пролет-лето 2014  насловена „PURENESS“ наменета за жени со изграден пристап кон модата и висока свест за урбаните трендови.

Модна илустрација од новата колекција на Маријана Рујаноска Модна илустрација од новата колекција на Марјана Рујаноска

„Чистите линии и форми кои се јавуваат во природта но и чистотата на облиците кои ги создала човековата рака се главен двигтел на оваа престојна колекција,но исто така се појавува безгрижната женственост и глобалниот џет-сет стил “, раскажува Рујаноска.

При изработката на парчињата ги користела природните материјали како памук, лен и свила, претежно обоени во пастелен колорит од кој бледо розовата, сината и белата ќе преовладуваат на пистата.

„Иако таргет групата за оваа линија се движи од 20-40 година, сепак тоа не е пречка колекцијата да не биде дел од модното секојдневие на дамите на било која возраст“, вели Марјана.

 

„Bohemian chic“ на Бобан Илиевски за жени хедонистки

Талентираниот Бобан Илиевски на претстојниот Моден викенд ќе не почести со неговата нова „Bohemian chic“ колекција за актуелната сезона пролет/лето. Како што и самиот дизајнер посочува, секоја нова колекција носи печат на периодот на психолошка состојба во која се наоѓа креативецот – страв, среќа, тага, фрустрација, општествени прилики и неприлики...

Комбинација од новата колекција на Бобан Илиевски, фотографирање за официјалниот каталог на Моден викенд Скопје пролет-лето 2014 Комбинација од новата колекција на Бобан Илиевски, фотографирање за официјалниот каталог на Моден викенд Скопје пролет-лето 2014

„Насловот на оваа колекција е „Bohemian chic“ и истата е продолжение на мојот карактер опишан како „дрско шармантен“. Како што посочив, секоја нова колекција си носи печат на периодот на психолошка состојба во која се наоѓа креативецот“, вели Бобан.

Во однос на материјалите што ќе преовладуваат во неговата нова колекција, тој посочува дека се одлучил за лесни материјали како памукот и свилата како основа...

„Ова ќе биде колекција исполнета со совршена симбиоза на монохроматска едноставност и колор блок од принтови. Најмногу ќе преовладуваат црната, белата, коралната...“, открива Бобан.

Неминовен дел од целата негова приказна ќе бидат и модните додатоци, како чанти, накит и слично.

Дизајнерот колекцијата ја наменува за жената хедонистка без инхибиции и страв да ја покаже индивидуалноста, но и да остави по некоја порака „Јас бев тука“, без разлика на нејзината возраст како што е случај и со секоја негова претходна колекција.

 

Оливера Штакоска ќе дебитира со „Lace“ – колекција наменета за неконвенционални жени

На овогодинешниот Моден викенд Скопје ќе се претстави и креативната Оливера Штакоска со својата деби колекција едноставно наречена „Lace“.

„На Модниот викенд Скопје ќе се претставам со колекција под името“Lace”, која воедно е и моето деби. Колекцијата е инспирирана од повеќе работи - луѓе, музика, стари фотографии, стар накит, пред сѐ, од материјалите што се користени. Изработена е од различни материјали, тантела, памук, лен, волна... Во колекцијата има долги летни фустани, кошули, елеци со етно мотиви и везови, дополнета со накит, чанти и појаси“, вели Оливера за Fashionel.

Креација од дебитантската колекција на Оливера Штакоска на Моден викенд Скопје Креација од дебитантската колекција на Оливера Штакоска на Моден викенд Скопје

Како што посочува дизајнерката, во целата колекција преовладуваат земјени тонови, црвено -кафена боја, зелена и окер.

„Би рекла дека целата колекција е во бохо стил, а наменета  е за неконвенционални жени со отворен ум“, посочува Штакоска.

Објавено:
18 март 2014
Категорија: 
Актуел