Ѕвезди кои се на прагот на 50-тите, а стареат со стил

2 април 2014

Често пати низ нашите содржини ќе сретнете креативни четива кои го дефинираат и објаснуваат модниот идеал за убавина. Критериумите за убавина се релативен фактор кои што влијаат во креирање на одредена слика за дамата врз основа на нејзиниот физички изглед. Драстичните промени кои настануваат во процесот на стареење особено кај жените се приказна сама по себе. Дел од нив храбро го прифаќаат предизвикот како неизбежен дел од животот, а дел од нив се борат и наоѓаат најразлични средства со кои редефинираат една сосема поинаква димензија за убавината и младешкиот изглед, воведуваат модни експерименти во своето секојдневие, а нивните појави прераснуваат во евергрини на едно време. Холивудското небо има неколку ѕвезди на кои годините буквално не им можат ништо. Овие жени се на прагот на педесеттите,а сепак изгледаат неверојатно младо, стилски и префинето.

Ел Макферсон

Прва, на која и припадна честа да ја отвори листата е преубавиот австралиски модел Ел Макфесон. Оваа мултиталентирана жена егзистира на модната сцена веќе 32 години. Моделот, познат по прекарот  „The Body“, својот прв ангажман го добила во 1982 година во реклама за диетална Кока-Кола. Супер моделот ја красела насловната на списанието Sports Illustrated Swimsuit, пет пати, а денес со полни 50 години, се уште може да се пофали со идеална фигура и претставува вистинска компарација за тоа како треба да изгледа модниот идеал за убавина.

Јасмин Ле Бон

Убавицата со британско-иранско потекло, која во ’80-тите години беше најскапо платениот модел, денес е во брак со познатиот музичар Сајмон Ле Бон, со кој има три деца. Нејзиниот рецепт за совршена фигура е секојдневното пешачење заедно со своите домашни миленичиња, кучињата Мунго и Мад, како и благодетите кои ги нуди семејната идила.

Кортни Кокс

Дали ви се верува дека Моника од култната серија Пријатели, полни 50 години во јуни? Неодамна популарната актерка изјави дека не се справува лесно со процесот на стареење, а работата дополнително и го отежнува животот во Лос Анџелес. Во пресрет на нејзиниот јубилеен 50-ти роденден, таа се чувствува исполнето и среќно.

Сандра Булок

Миленичката на публиката, актерката која моментално е актуелна со филмот Гравитација, Сандра Булок, исто така е дел од листата холивудски диви кои знаат како да стареат со стил. За оваа модна икона несомнено важи правилото дека педесеттите се новите триесетти.

Моника Белучи

За безвременската убавина на италијанскиот модел и актерка Моника Белучи во неколку наврати зборувавме. Нејзиното мото е секогаш да ја ставите сензуалноста пред сексапилноста, а кога годините ќе почнат да ве „газат“, бидете мудри и вашиот фокус насочете го кон елеганцијата и домашните обврски. Нагласувајќи ја својата индивидуалност преку црвениот кармин, оваа ѕвезда ги советува дамите да не се плашат од годините и да ги носат гордо, бидејќи сепак станува збор за природен процес.

Жулиет Бинош

Таа и припаѓа на „старата“ гарда, француски модни икони кои како резултат на својата елеганција, женственост и префинетост блескаат секаде со својата појава. Француската актерка Жулиет Бинош во неколку наврати изјави дека откако влезе во петтата декада од својот живот воопшто не се чувствува гламурозно, но како и Белучи достоинствено се носи со процесот на „стареење“ .

Мишел Обама

Првата Дама на Америка, Мишел Обама, и покрај тоа што веќе наполни педесет години, сепак, каде и да се појави без разлика дали носи раскошна тоалета или класична комбинација, модната критика секогаш ја оценува со највисоки оценки. Таа храбро експериментира не само со стилот туку и со изгледот и вели дека секогаш е подготвена да изненади со својата појава.

Кортни Лов

Сопругата на поранешниот музичар Курт Кобејн, Кортни Лов и покрај тоа што во јуни ќе наполни педесет години никако да се откаже од својот бунтовнички стил со рокенрол примеси. Лов има и сопствена етикета, преку кој што ја продолжува да ја истражува модата со неверојатна страст која понекогаш знае да варира до екстремни крајности.

Тери Хачер

Очајната домаќинка Тери Хачер, може да се пофали со неверојатно младешки тен. Таа својот педесетти роденден ќе го прослави во декември, а идеалната линија и здравиот изглед се должат на нејзините постојани тренинзи и здравата исхрана.

Мариса Томеи

Актерката Мариса Томеи, сигурно има таен еликсир за убавина и младешки изглед. Нејзиниот партнер Логан Маршал Грин има 37 години, а таа 49 и наскоро ќе стапат во брак.

Калиста Флокхарт

Актерката Калиста Флокхарт е позната по улогата на младата адвокатка Ally McBeal, по бракот со мега популарниот актер Харисон Форд, но и по нејзината грациозност и природна убавина и покрај тоа што има 49 години.

Лаура Лини

Со нејзиниот блескав тен и затегната кожа, каде и да се појави актерката Лаура Лини која во февруари ја прослави јубилејната педесетка изгледа како да е барем 20 години помлада.

 

 

 

Објавено:
2 април 2014
Категорија: 
Сцена