Врнежливото време можеби ви ги расипа плановите за потрагата на идеалниот фустан за вашата матурска ноќ. Креативниот и енергичен тим на модната куќа Елена Лука, не дозволи студеното време да влијае на ентузијазмот и желбата на своите клиенти повторно да им презентира нов дизајн на креација што секако ќе ги разбуди пролетните сетила.

Црвената боја е симбол на страста, на виното и на љубовта, но и нијанса што е секогаш во тренд. Затоа, денес Елена Лука одлучи на своите обожаватели да им презентира црвен коктел фустан со рачно везени апликации. Горниот дел од фустанот е во транспарента беж нијанса, украсена со рачно везени апликации на кои им се додадени цветни исечоци направени од органтин со цел да се постигне ефектот на релјефна композиција. Луксузниот изглед на фустанот е постигнат благодарение на впечатливиот дезен што го надополнуваат стаклени камчиња. Долниот дел, пак, е во princess крој, целосно изработен од органтин што лелеаво се бранува по должината на нозете. За да се нагласи силуетата креацијата на половината создава контрасна игра на бежовата и црвената нијанса, а богатиот дезен ја прави луксузна и неверојатно софистицирана.

За да добиете целосна и префинета визија со овој дизајн комбинирајте плик чанта во сјајна златна нијанса и златни сандали украсени со ремчиња со светки во сребрена боја што суптилно се преплетуваат низ стапалото во форма на мрежа. Поради богатиот моден детаљ аплициран на самиот фустан и впечатливите модни додатоци, овој модел нема потреба од накит. Коко Шанел во една прилика изјави дека „помалку е повеќе“ затоа следете го модниот ритам на црвено-златните тонови и блеснете како вистинска аристократска дама.

Објавено:
16 април 2014
Категорија: 
Без категорија