Изложба на рачно изработен накит од жица „Почеток без крај“ во Кафе Ли

22 април 2014

„Почеток без крај“ е прва самостојна изложба на рачно изработен накит од жица на младата уметница Олгица Стефанова, која ќе биде поставена утре со почеток во 20 часот во Кафе Ли.

Концептот за рачно изработениот накит претставува апстрактен, речиси нематеријален израз на современото, кој е инспириран од традиционалниот македонски филигран преку пристапот на современа интерпретација на уметничките занаети и вештини.

Жицата проткаена низ монистра е обликувана со многу емоции, така што тие заедно создаваат неповторливи форми и патерни. Истражувањето на можностите да се обликува жицата се без крај и затоа се почеток на нешто ново, секогаш поинаку доживеано, видено, почувствувано...

Уникатно, современо, безвремено, постојано... почеток без крај...

Олгица Стефанова е родена 1991 година во Скопје. Дипломирала на Факултетот за архитектура и дизајн при Универзитетот Американ Колеџ во Скопје, 2013 година, кога се запишува на постдипломски студии на истиот факултет.

Учествува со проекти на повеќе годишни изложби на студентите од Факултетот за архитектура и дизајн при УАКС. Kaко посветен вљубеник во уметноста, таа се занимава со сликарство и со изработка на накит уште од својата 13 годишна возраст.

Објавено:
22 април 2014
Категорија: 
Актуел