Во листата на 100 највлијателни жени, што секоја година ги објавува магазинот Time, оваа година се најдоа две хероини од модната индустрија: Фиби Фило и Натали Масне.
Во годишната листа на магазинот Time мошне често се среќаваат имиња на личности од политиката, актери, музичари, филантропи, но оваа година се чини дека одговорните уредници едноставно не можеле да ги занемарат и претставниците на модната индустрија. Изборот падна на креативната директорка на модната куќа Селин, Фиби Фило и основачката на он лајн продавницата Net-A-Porter, Натали Масне.
Магазинот излезе во официјална продажба во петокот, но листата како главна вест е објавена и на нивната интернет страна. Позитивните коментари и критики не изостанаа, па по тој повод модната дизајнерка Стела Мекратни упати пофални зборови за Фиби Фило:
„Таа е една од ретките жени дизајнери што се залагаат за едноставност, квалитет и „реализам“ во презентирањето на модните парчиња за жени“.
Џена Лионс, претседателка и креативна директорка на брендот J.Crew, чие име минатата година се најде на популарната листа, за Натали Масне вели:
„Зборот „јасновидец“ пречесто се употребува, но постојат мал број на луѓе кои што можат да го видат она што го нема или не постои. Создадете го. Објаснете го. Или едноставно присилете ги другите да веруваат во тоа. Натали Масне е јасновидец и тоа е факт.“