Пет едноставни домашни напивки за рамен стомак

21 мај 2014

Доколку не сте задоволни со изгледот на вашиот стомак, сега е вистинското време да преземете нешто околу тоа. Со оглед на тоа што се ближат летните одмори, веруваме дека сакате да бидете во топ форма за да го покажете шик костимот за капење што си го купивте неодамна.

Она во што сме сигурни, е дека немате доволно време за вежбање, па следниве лесни, домашни напивки ќе ви помогнат да живеете здраво и воедно, да го намалите обемот на вашиот стомак.

Фрапе од лубеница

Доколку овој магичен сок го подготвите без шеќер, истиот ќе биде совршен за освежување на вашиот организам. Лубеницата е одличен избор за нискокалорично фрапе. Не само што истата е природен начин за хидратација поради големата количина на вода, туку содржи и доста лековити состојки, особено познати по превенцијата од појавата на рак. Доколку се одлучите за фрапе од лубеница, истото ќе ви ги намали и маснотиите во организмот и ќе го поттикне зголемувањето на мускулната маса.

Ладен чај од нане

Оваа напивка е одличен начин да се освежите, но и да се решите од масните наслаги од стомакот. Чајот од нане му помага на организмот да се ослободи од вишокот маснотии, но и го забрзува варењето на масната храна, па на тој начин ја спречува подуеноста.

Фрапе од ананас

Напивката од ананас дефинитивно ќе ве одведе во тропските краеви, а на вашиот организам ќе му помогне да се реши од вишокот на килограми, особено на стомакот. Ананасот содржи ензим бромелаин кој што помага во разложување на протеините, го олеснува варењето на храната и секако ја спречува подуеноста.

Зелен чај

Покрај тоа што делува превентивно на појавата на рак и срцевите заболувања, зелениот чај содржи и катехини, односно антиоксиданси кои што влијаат на намалување на масните наслаги околу стомакот. Ако пред физичките активности испиете една шолја зелен чај, можете да согорите повеќе маснотии за време на вежбањето.

Шејк од чоколадо

Чоколадото, особено она со висока концентрација на какао, всушност може многу да ви помогне при слабеењето. Токму чоколадото, се верува дека го намалува апетитот и ја спречува појавата на глад. Меѓутоа, она што треба да го запаметите е дека овој напиток може да содржи и до 400 калории, па повеќе припаѓа на категоријата оброк, отколку ужинка.

Наздравје!

Објавено:
21 мај 2014
Категорија: 
Убавина