Дали водата со лимон навистина ги согорува маснотиите?

27 февруари 2015

Водата со лимон е напиток за кој веруваме дека досега веќе сте слушнале дека ги топи маснотиите, а можеби и често го консумирате. Но, дали овој напиток навистина има моќ да ги стопи масните наслаги?

Светските експерти велат дека, иако овој напиток може да биде ваш добар сојузник, сам по себе не ги сосгорува маснотиите и затоа никогаш не треба да очекувате чуда.

Актерката Гвинет Палтроу, Бијонсе и Мадона се само некои од светските ѕвезди кои се големи обожаватели на водата со лимон и постојано посочуваат дека станува збор за магичен напиток што им помага да ја одржат совршената линија.

„Топлата вода со лимон сама по себе не овозможува губење на килограмите. Овој освежителен напиток може да ви помогне да ги намалите килограмите само ако го пиете наместо други пијалоци, како на пример газираните пијалоци, соковите и кафето со шеќер, со што го намалувате бројот на внесени калории“, вели доктор Алиса Рамзи, ПР на американската Академија за нутриционизам и диети.

Она што таа го посочува како апсолутна вистина е тоа што топлата или ладна вода со лимон, дефинитивно помага во поттикнување на метаболизмот. Но, подеднакво истата функција ја има и обичната вода од чешма.

„Многу е важно вашиот организам да биде добро хидриран бидејќи на тој начин ќе го поттикнете работењето на метаболизмот. Доколку немате навика да пиете обична вода, додавањето на лимон во истата може да биде добар начин да внесете малку вкус без никакви калории, а сепак тоа да наликува на сок“, појаснува доктор Рамзи.

Митот за тоа дека овој напиток може да ви помогне во согорувањето на маснотиите, најверојатно настанал бидејќи истиот може краткорочно да направи да изгледате послабо, но само поради тоа што помага при проблемите со подуеноста. Доколку долгорочно имате проблеми со задржувањето на вишокот течности во телото, лимонот нема значително да ви помогне, а секако неопходно е да се обратите кај лекар.

Исто така, доколку имате проблеми со желудникот и со постојаното создавање на киселини, тогаш водата со лимон е дефинитивно напиток што треба да го избегнувате, бидејќи истиот само ќе ви ја влоши состојбата.

Објавено:
27 февруари 2015
Категорија: 
Убавина