На младите останува занаетот – апел до средношколците за зачувување на македонската традиција!

22 мај 2014

Занаетчиската комора на Скопје денеска беше местото каде се собраа млади луѓе полни сништа, но и такви веќе изградени и квалитетни занаетчии! Со цел подигање на свеста кај младите за изучување на традиционалните македонски занаети кои што се во изумирање, Занаетчиската комора во соработка со Град Скопје, денеска и официјално го означи стартот на „Деновите на занаетчиството“.

Во рамки на манифестацијата, покрај напорите да се доближи занаетчиството до младите луѓе, посетителите имаа можност да уживаат и во „Пролетниот базар на ракотворби“ каде веќе изградените и успешни занаетчии нудеа дел од своите одлични и уникатни ракотворби.

Претседателот на Занаетчиската комора, Никола Петров посочи дека оваа традиционална манифестација е организирана со цел да се доближат младите луѓе и ученици до занаетот.

“Ова го правиме заедно со средно – стручните училишта на територијата на Град Скопје како би можеле сите млади да ги усмериме кон развој на занаетчиството и обука во занаетчиските дејности, а понатаму тие за себе да си обезбедат егзистенција која што ќе им биде сигурна за нивното понатамошно живеење. Занаетчиството во Скопје има многу долга традиција, а основната цел на Занаетчиската комора е да ги продолжи и да ги развие македонските занаети, да им даде сигурност на занаетчиите и секако, да им обезбеди егзистенција. Сакам да посочам само еден пример – ние имавме пилот проект со Средното училиште АСУЦ „Боро Петрушевски“ од каде 14 ученици за авто каросериски механичари се обучуваа кај наши мајстори и сите 14 кога го завршија своето образование се вработија кај мајсторите што ги обучуваа. Тоа всушност ни е примарна цел, децата што се обучуваат кај нашите мајстори, во иднина полесно да најдат вработување“, појаснува претседателот Петров.

На прашањето колку децата се заинтересирани да ги изучуваат занаетите, Петров посочува дека тоа прашање треба да се постави поинаку – колку родителите се заинтересирани да ги пратат нивните деца во занаетчиски училишта?

„Младите од 14 години мислам дека сѐ уште не се зрели добро да одлучат што ќе изучуваат понатаму во својот живот. Сметам дека со помош на родителите, од година на година се повеќе ќе имаме деца што ќе се запишуваат во атрактивните училишта за занаети како козметичари, фризери, златари и сл. Но, ние не гледаме да ги развиеме само тие струки, туку и сите други. Има недостаток на многу струки, не само оние што времето ги прегази, туку и занаетите како пластичари, глодачи и часовничари, кои полека ги снемува, а има голема побарувачка за нив. Апелирам до младите да посветат поголемо внимание кога станува збор за нивното образование и занаетчиството“, вели Петров.

Во рамките на „Пролетниот базар“ како и секоја година, така и оваа, можеа да се најдат многу интересни ракотворби, како накит, парчиња облека, уметнички слики, одличен филигран и сл.

„Денеска изложувам уникатни рачно плетени модели што јас самата ги изработив. Ова го работам веќе две години, сега почнав да работам и за странство, за пазарот во Германија и Австрија, како и за Австралија. Првите машини ги земав од Германија, но не знаев како да работам со нив. Една година барав некој да ме обучи, и на крајот, конечно најдов една жена и тоа во Дојран. Таа ме научи како се работи на машините, јас буквално не знаев како да држам игла и конец во рака... Морам да кажам дека може да се живее од ова, ако се трудите и ако работите со љубов, се продава“, вели Валентина Здравеска која прави одлични плетеници.

Таа додава и дека покрај на младите луѓе, ваквите настани многу им помагаат и нив, за промоција на брендот и на самите производи.

„Јас дури и би сакала ваквите настани да ги има по целиот Балкан за да можеме ние како македонски бренд, да се промовираме повеќе. Сега еве се обидуваме да добиеме и средства од ИПАРД фондовите, со што ќе можам да вработам повеќе жени и да го прошириме бизнисот. Сега имам голема побарувачка за мрежите – туники за на плажа и тоа од Германија, а станува збор за количество што јас не можам да го постигнам. Кога веќе ќе се направи погонот и ќе се вработат повеќе луѓе, се надевам ќе можеме на сите да им излеземе во пресрет“, вели Валентина.

На штандот близу Валентина, беа поставени прекрасни рачно изработени врамени слики од срма, дела на одличната Весна Величковиќ.

„ Да се изработи нешто вакво воопшто не е тешко, бидејќи е задоволство да се изработуваат, но секако треба да се има дарба за тоа. За изработка на делата од срма, користам срмен конец, основата е обично сребрена и златна срма, се ставаат циркони итн. Јас ги изработувам овие дела многу кратко, само четири месеци, но сметам дека се добри. Со оглед на тоа дека сум нова, мене многу ми се допаѓаат ваквите изложби и промоции на ракотворби, тоа е нешто за што сметам дека е супер за промоција“, вели Весна.

Во една од работилниците, одличен накит претстави и шармантната Даниела Наумова која работи под брендот Danna art jewelry.

„Јас се занимавам веќе седум години со изработка на накит, почнав прво со накит од мониста, но подоцна ја открив и многу старата техника на плетење и ткаење на жица и тоа бакарна и месинг жица која што пак е претходник на филигранот. Денешнава работилница, ми помогна мојата техника да ја надоградам со елементи од филигран и на тој начин да се спојат тие две вештини и да се добие еден нов современ накит. Јас веќе три години сум регистриран член на Занаетчиската комора, инаку професор по англиски јазик и се надевам дека ваквите проекти во иднина ќе ни помогнат многу да се усовршиме и да се надоградиме и секако да опстанеме на пазарот“, вели Даниела.

Доколку денеска немавте можност да поминете низ Старата турска чаршија и да им овозможите на очите вистинско уживање во одлични ракотворби или пак да си купите некоја од истите, имате цели три дена да го сторите истото!

Објавено:
22 мај 2014
Категорија: 
Актуел