Во срцето градот вчеравечер вратите официјално ги отвори новото ателје за изработка за уникатен накит „Алка“, под креативно водство на дизајнерките Даниела Наумова која твори под псевдонимот „Danna Art Jewerly“ и Елена Поповска која се потпишува зад брендот „My Precious“.
Сите вљубенички на современиот накит во чија изработка се спојуваат древни техники од различни култури и традиции ќе имаат ексклузивна можност да ги збогатат своите колекции со модерни парчиња на раскошен и уникатен накит.
„Ова не е мое прво ателје, јас претходно имав своја работилница, меѓутоа идејата за ваков галериски изложбен дел во чиј склоп ќе имаме работилница дојде годинава кога одржувавме заеднички работилници со колешката Елена во склоп на Домот на занаетчии, а под покровителство на Министерството за култура. Тоа беше еден проект за развој на креативните индустрии и двете таму држевме работилници и на тој начин дојдовме на идеја дека имаме две различни техники кои што ако ги искомбинираме ќе можеме да ја покриеме скоро секоја позната техника на овие простори за изработка на накит и би можеле да имаме многу поширок спектар на производи за нашите клиенти“, ни кажа Даниела Наумова.
Отворањето помина во знакот на интимната атмосфера во присуство на љубители на убавиот накит, пријатели и познаници кои уживаа во изложените уникати, ракотворби на двете креативки.
„Мојата техника е плетење и ткаење со жица и е многу стара. Во времето јас кога почнав пред пет години да ја работам, во Македонија немаше некој што професионално се занимава со овој вид на креирање накит. Во светот оваа техника е уште позната како „wire wrapping“ и е претходник на филигран. Значи неа ја измислиле Феникијците и Сумерите и сега сакав да ја искористам, затоа што сум љубител на старински накит и да ја искористам за да креирам накит кој што ќе биде со современ изглед, а да наликува на тие стари древни времиња, да пренесува една приказна поврзувајќи го тоа време со сегашното, модерното. Елена, пак, традиционалниот филигран кој што го има усовршено до степен да веќе предава и обучува други луѓе во склоп со Занаетчиската комора го користи на еден модерен и неконвенционален начин. Значи има колекции кои што се опфаќаат мотиви и од Далечниот Исток, има колекција насловена „Јапоника“, што на пример кај нас нема каде да се види. Сметам дека двете нудиме современ и модерен накит инспириран од старите тајни техники на древните народи“, открива Дана.
Двете авторки ги следат трендовите во светот, па така освен сребрената, бакарната и месинг жица работат и со лимови кои што се обликуваат и на кои подоцна со бакропис му даваат релјеф на самиот накит кој со дополнително ткаење и плетење и вметнување на полускапоцени, скапоцени камења, бисери и кристали прераснува во парче накит кое раскажува една засебна приказна.
„Нашево ателје го замисливме да биде како еден вид на галерија која што ќе биде култно место каде што ќе можеме да се собереме со нашите клиенти. Не мора клиентите да дојдат и да купат туку место каде што ќе можеме да дојдеме да седнеме да се напиеме кафе. Да разгледаат, да видиме каков е нивниот вкус, да разговараме што е она што најмногу би им одговарало како накит на нивниот сензибилитет, потреби и желби. „Алка“ е нешто што поврзува, нешто што е нераскинливо така да нашата љубов кон убавината, кон креацијата кон уметноста и нашата соработка се надевам дека ќе остане таква нераскинлива“, завршува Наумова.