Небојша Толески ги спои урбаното живеење и духот на минатото во колекцијата „Верига“

2 јуни 2014

Модниот новинар и дизајнер Небојша Толески утре (вторник) во Младинскиот Културен Центар ќе ја претстави својата најнова летна колекција насловена „Верига“.  Името на колекцијата воедно го објаснува процесот  од инспирацијата, па се до изработката и  текстурите од најновата  женска колекција за тековната сезона. Толески кој е познат по тоа што преку облеката ја нагласува сензуалната страна на понежниот пол, овој пат за своето најново дизајнерско дело за Fashionel вели дека нуди креации што не ја оптоваруваат женската силуета и се микс од темни и светли колорни нијанси.

-Во создавањето на новата колекција најголема улога играше едно парче материјал што го видов на моето патување во Шведска и Данска. Парчето всушност беше составено од плетени конци кои беа поврзани во низа и создаваа интересни форми во една за мене нераскинлива врска. И тука се роди и инспирацијата и предизвикот да создадам колекција која ќе биде поврзана во низа... По долготрајно истражување осознав дека за низите се потребни спојувања едно до друго. Скоро целата колекција е споена со неколку типови на материјали кои едни со други создаваат верижна врска. Така се роди и „Верига“, името на колекцијата, објаснува Толески и додава дека успеал да направи модно урамнотежување меѓу минатото, градската урбаност и актуелните принт мотиви.

-Споив различни тексури и типови на шари, горни со долни делови, женственото со урбаното, а урбаното со духот на старите времиња, сето тоа зачинето со цветни и апстрактни мотиви. Доминантно место имаат кошулите и здолништата кои со нивната широчина не го оптеретуваат телото. Миксот на светли со темни бои е усогласен, а материјалите се нежни. Колекцијата е за оваа летна сезона, мојата визија за облекување на жените за летото, без да ги китам со пренападен гламур, завршува дизајнерот.

Ревијата е со почеток во 21 часот во главниот хол на МКЦ.

Објавено:
2 јуни 2014
Категорија: 
Актуел