10 работи што никако не смеете да и ги кажете на невестата пред свадба!

2 јуни 2014

Свадбената сезона веќе одамна почна, а веруваме дека и вие имате некоја блиска другарка која наскоро треба да го каже судбоносното „да“.

Доколку имате некоја таква, тогаш ова е вистинскиот текст за вас! За да и помогнете да ги избегне сите нервози околу свадбата, прочитајте што е она што никако не смеете да и го кажете на невестата пред свадба. И да, не заборавајте да го споделите со пријателите!

1.Сѐ ќе биде во ред: На скоро секоја невеста и се кажува оваа реченица во оние последни моменти на најголемите подготовки. Секако дека сите го прават тоа со добра намера во обид да ја релаксираат невестата, но она што мора да го направите е да и помогнете во организацијата и реализацијата и на најубав начин да и кажете дека ништо не е совршено. Тоа ќе биде добро таа да го има на ум во оние моменти кога ќе се случи да задоцни музиката, да заврне дожд или пак да ги заборават документите во матично и кога ќе ве праша „Нели сѐ ќе биде во ред?!“.

2.Се надевам дека на свадбата нема да имате турбо фолк музика или некои старински обичаи: Никогаш не е добра идеја да давате вакви изјави, а уште помалку да го правите тоа откако сѐ ќе се финализира. Доколку не сакате турбо фолк музика или пак туркање на врата, не правете го тоа на вашата свадба и не им кажувајте на другите што тие да вметнат или да исфрлат од нивната церемонија. Секогаш почитувајте го туѓото право на избор, помогнете им со совети и понудете им ја вашата помош и обидете се да уживате колку што можете повеќе без да судите!

3.Зошто ќе ја правите свадбата баш на тоа место? Знаеме дека далечните локации на свадби понекогаш можат да бидат оптеретување за буџетот на гостите...но, ако тоа ви причинува проблем или незадоволство, едноставно откажете го вашето присуство! Никогаш не ставајте се себеси во ситуација само неколку денови пред свадбата да и кажете на невестата дека локацијата е премногу далеку, дека патот ви е проблем или уште полошо, дека тие требало да ви организираат превоз (ако веќе не го сториле тоа).

4.Планираш ли да симнеш некој килограм за свадбата? Ова прашање не треба никому да му го поставите, а уште помалку на вашата другарка или познаничка и тоа некое време пред свадбата. Со самото тоа, вие и кажувате дека не изгледа добро и дека мора да промени нешто за „големиот ден“.

5.Може ли да дојдам со пријател/пријателка? Ако се прашувате дали да одите на свадбата на која ве поканија со уште еден, едноставно погледнете ја поканата, не се јавувајте да прашате! Ако на поканата го има само вашето име без „плус 1“, тогаш вашиот пријател/пријателка не се поканети. Исто така, доколку на поканата стои само вашето име и името на сопругот/сопругата, значи дека треба да одите сами, а не со вашите деца!

6.А, зошто твојот братучед/братучетка/сосед/чичко/тетка не ги поканивте? Доколку веќе поминавте низ фазата „свадба“ веќе знаете дека овие прашања најчесто може да ги очекувате од постари роднини кои што сакаат да знаат зошто баш тој ваш братучед не е поканет! Доколку веќе знаете дека рокот за доставување покани е изминат и знаете дека таа одредена личност не е поканета, тогаш младите сигурно имале добра причина за да не ги поканат, а не е дека заборавиле! Не ги потсетувајте!

7. На свадбата сакам риба/место за бебето/во јадењето да нема зачини....Доколку имате вакви барања за младите, тогаш кажете им ги истите веднаш откако ќе ве поканат, а не неколку дена пред свадбата. Токму тогаш, тие мора да се грижат за мал милион други подготовки, а не за вашите желби кои што ги искажувате во последен момент.

8. Бидете искрени за сѐ! Доколку постои нешто што ви смета во поглед на барањата на невестата (па дури и да се работи за вашата најдобра другарка), кажете и искрено и пред време и не заобиколувајте и не чекајте последен момент. Ако сметате дека фустаните што таа ги бара од вас да ги носите како деверици не ви се допаѓаат или пак сметате дека се премногу скапи, веднаш кажете и, без да се двоумите. На тој начин, сите заедно ќе најдете подобро решение и сите ќе бидете задоволни отколку да размислувате и да се нервирате сосема сама.

9.Па...ми се допадна, беше поразлично! Без разлика дали на свадбата има мексиканска музика или пак невестата носи розов фустан, запомнете дека тоа е нивен избор. Младите никогаш нема да можат да го задоволат вкусот на сите гости, а она што вие можете да го направите е да уживате колку што можете повеќе без „кисели“ фаци и без лажна учтивост!

10.Па, тоа е само забава! Не, тоа не е само забава и обичен ден, туку тоа е свадба за која луѓето трошат пари, многу часови потрошени на безброј подготовки и секако дека сите очекуваат добро да си поминат. Но, да бидеме искрени повторно – никогаш нема да го задоволите вкусот на сите истовремено. Секогаш некој ќе се пожали за храната, за музиката, за примето, за однесувањето, па дури и за тоа зошто тортата не била од чоколадо! Секогаш потрудете се свадбата да ви биде навремено организирана за да нема непотребни нервози и коментари. За на крајот и вие самите да кажете – тоа не беше само забава, тоа беше супер забава!

Објавено:
2 јуни 2014
Категорија: 
Бела соба