По мала пауза од модните недели, од 15 – ти до 17 – ти месецов, во Лондон се одржа машката модна недела на која бевме сведоци на многу нови и храбри трендови за мажи за сезоната пролет-лето 2015.
Покрај тоа што бројните брендови понудија парчиња во храбри и нежни бои за мажи, како шармантно розовата и светло сината, за следната година модните куќи како Барбери на мажите им нудат и тотално женствени шапки во колоритни бои за кои има многу поделени мислења.
Она што ни остави особен впечаток, се фризурите што дизајнерите ги предлагаат за мажите за следната сезона. Со исклучок на некои ултра мажествени фризури (како што беше случај со некои модели на DKNY и Оливер Спенсер кои можевме да ги видиме со кратка машка фризура), сите останати промовираа долги шишки и залижани „кремчиња“.
Слични фризури имаа и моделите на одличниот Хакет од Лондон, кој покрај совршените машки елегантни костими и одделно уникатни парчиња, мажите трендсетери за следната сезона ги замислува со нежно исчешлано „кремче“ настрана со подигнати шишки.
Нешто посексапилно, понуди одличниот млад и перспективен дизајнер J.W Anderson кој за своите модели одбра лежерно исчешлана коса настрана со по некое праменче паднато напред.
Како во италијанските филмови, момците на Lou Dalton на пистата се појавија со залижана коса наназад за која посакавме дизајнерката да креирала мажествени парчиња во темни бои, наместо бебешко розовите.
Од она што можевме да го видиме од брендовите што се претставија на годинешната лондонска машка модна недела во однос на трендовите кај фризурите, дефинитивно следната сезона мажите трендсетери ќе носат фризури со долги шишки кои што понекогаш ќе ги претвараат во залижани „кремчиња“.
Овој изглед дефинитивно е ултра секси за девојките и вистински хит за следната пролетна сезона!