Уште една италијанска модна куќа под истрага

24 јуни 2014

Во последната година Италија ја тресат скандали поврзани со затајување на данок на познати модни куќи. Само што стивнаа гласините околу скандалот поврзан со Долче и Габана заради затајување на данок, следна е истрагата околу модната куќа Прада. Само за потсетување, Доменико Долче и Стефано Габана требаше да платат казна од 343. 300 евра за затајување на данок од заработката од продажбата на нивните производи во Луксембург, а целата приказна се заврши со тоа што модното дуо беше осудено на дваесет месеци затвор.

Овој пат под истрага се дизајнерката Мјуча Прада, нејзиниот сопруг Патрицио Бертели и нивниот книговодител Марко Саломони. Исто така се појави информација дека модната куќа платила голема сума на пари за да го избегне скандалот кој може да влијае на нивната репутација.  Се смета дека токму модните куќи кои затајуваат данок ја оштетуваат државата за сума од 400 милиони евра. Италијанската модна куќа Прада досега нема дадено официјална изјава во врска со оваа оптужба , но изгледа дека неколку месечната криза во која се наоѓа компанијата е поврзана токму со скандалот кој тие неуспешно се обидоа да го скријат од јавноста.

Објавено:
24 јуни 2014
Категорија: 
Актуел